Поради овој одговор губите шанса! Еве што да одговорите на прашањето „Зошто дадовте отказ?“ на разговор за работа
Никогаш не треба да се оди на разговор за работа без онапред подготвени одговори, порачува Ерин Мекгоф, експерт за кариера. Имањето подготвени одговори кои можете да ги изнесете во вистински момент може да ве поштеди од непријатноста од смислувањето одговори на изискувачки прашања.
Како што наведува Мекгоф, авторка на книгата „Тајниот јазик на работата: Хиперкорисни сценарија за секоја ситуација“, вежбањето на она што сакате да го кажете однапред ви помага да останете смирени и прибрани во ситуации под притисок.
Според нејзиното искуство, едно од прашањата кои често ги збунува кандидатите е: „Зошто ја напуштивте вашата претходна позиција?“
„Тоа е навистина вообичаено прашање со кое луѓето се мачат бидејќи не знаат како да го формулираат на начин кој делува вистински, но кој можеби не ја открива баш целата приказна“, вели Мекгоф.
Во суштина, работодавачите премногу не ги интересира зошто сте ја напуштиле претходната работа, наведува Мекгоф во својата книга. Тие всушност бараат „црвени знаменциња“ и се обидуваат да проценат поради што би можеле да ја напуштите и новата позиција.
Најважно е да се има на ум дека интервјуто „не е сеанса за исфрлање на фрустрациите“, вели таа. Тоа не е момент да зборувате за вашиот „ужасен шеф и колеги“ од претходните фирми.
Кога кандидатот ја критикува претходната работа, од агол на работодавачот, „сѐ што слушаат е: ‘Ова лице носи многу товар од минатото’ или ‘Носи многу драма’“, вели Мекгоф.
Како општо правило, Мекгоф советува да ги избегнувате негативните коментари за поранешната компанија или колегите. Исто така, во зависност од големината на индустријата, постои можност работодавачот да ги познава вашите поранешни соработници.
Кандидатите внимателно треба да го формулираат одговорот на прашањето, пишува Мекгоф.
„И понатаму зборувајте ја вистината, само на начин кој е прилагоден на поскуваниот исход од интервјуто, а тоа е работодавачот да биде импресиониран од вас“, вели таа.
Таа препорачува три чекори за добар одговор:
Истакнете нешто што ви се допаднало на претходната работа
На пример, можете да речете: „Навистина уживав во производите на кои работев“ или „Бев горд на работата која успеав да ја постигнам“.
Накратко објаснете зошто сте заминале
Мекгоф советува употреба на неутрален јазик. Потполно директната вистина често не е она што работодавачите сакаат да го слушнат, вели таа. На пример, наместо да кажете дека сте заминале поради лошиот шеф, можете да речете: „Компанијата направи промена во менаџментот и, за жал, тоа навистина ја промени динамиката на мојата улога“.
Ако сакате да ги избегнете деталите, во ред е одговорот да биде поопшт. Без оглед на вистинската причина, можете да кажете: „Почувствував дека е вистнско време да продолжам понатаму“ или „Барам повеќе прилики во својата кариера“.
Пренасочете го фокусот на новата работа
На пример: „Видов дека се појави оваа позиција и мислам дека можам да ѝ донесам голема вредност на оваа компанија. Затоа сум денес тука со вас“, вели Мекгоф.
На крајот, важно е акцентот да го ставите на своите вештини и интересирања за позицијата на која конкурирате, а не на работата која сте ја напуштиле, и целиот разговор да го задржите во позитивен тон.
Извор: Blic.rs

