Повеќе работа од дома, помалку шанси за напредување?
Работата од дома за многу вработени претставува една од најголемите промени кои ги донел модерниот пазар на труд. Поголема флексибилност, помалку време поминато во сообраќај и подобар баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот се само некои од причините поради кои вработените се’ почесто инсистираат на оваа поволност.
Сепак, експертите предупредуваат дека поголемата слобода не секогаш мора да значи и подобра деловна позиција. Новите правила за работа од дома во австралиската сојузна држава Викторија започнале расправа за тоа дали зголемената флексибилност може да има и помалку очигледни последици по вработените.
Поголема флексибилност, но и ризик за кариерата
Владата на Викторија планира да воведе закон според кој вработените чија работа може да се извршува на далечина ќе имаат право најмалку два дена во неделата да работат од дома. Новото правило ќе ги опфати вработените со полно и неполно работно време, како и одредени категории на хонорарни работници. Ако законот биде усвоен, на сила би требало да стапи од 1 септември 2026 година, додека помалите компании ќе добијат подолг рок за прилагодување.
Владата смета дека ваквите промени на вработените ќе им донесат поголема флексибилност, заштеда на пари и време, но и ќе помогне во поголемото вклучување на родителите, особено жените, на пазарот на труд. Според процените на властите, работата од дома на вработените може да им заштеди повеќе од 5,000 долари годишно и неколку часа неделно поминати во патување до канцеларија.
Меѓутоа, одредени експерти предупредуваат дека честото изостанување од канцелариите може да влијае на кариерниот развој на вработените. Неформалните разговори, спонтаното вмрежување и секојдневниот контакт со колегите и менаџерите често играат значајна улога во напредувањето, а токму тоа се работите кои најтешко можат да се заменат преку видео повик.
Најголем предизвик може да биде за помладите вработени
Посебна загриженост предизвикува влијанието на долготрајната работа на далечина на младите работници и оние кои допрва ја започнуваат кариерата. Учењето низ набљудување на поискусните колеги, усвојување на деловната култура и градењето на професионални односи значајно се поедноставни кога луѓето делат ист работен простор.
Затоа експертите истакнуваат дека прашањето не е повеќе дали работата од дома е добра или лоша, туку како да се најде вистинската мерка помеѓу флексибилноста и присуството во канцеларија.
Иднината на работата нема да биде само дома ниту само во канцеларија
Се’ повеќе компании ширум светот се обидуваат да најдат баланс помеѓу потребите на вработените и изискувањата на работата. Хибридниот модел, кој ги комбинира деновите поминати во канцеларија и работата од дома, засега се наметнува како компромис кој многумина го сметаат за најдобро решение.
Иако флексибилноста останува еден од најважните бенефити на современиот пазар на труд, експертите порачуваат дека важно е да се размислува и за нејзината долгорочна цена – посебно кога се во прашање развојот на кариера, професионалните односи и шансите за напредување.
Извор: BIZLife.rs

