МакедонијаСветот на работникот

НЕДОСТИГОТ ОД ВОЗАЧИ СЕ ДОЛЖИ НА ОДЕЊЕТО ВО ПЕНЗИЈА – Првата генерација ученици на насоката возач стартувала во учебната 2024/2025 година

Речиси насекаде во Европа постои голем недостиг од возачи на камиони, па високоразвените европски земји ги зголемуваат платите, но и останатите бенефиции, за да привлечат возачи од послаборазвиените.

Од Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија „Макам – транс“ за порталот Работник велат дека недостигот на возачи има верижно последователни влијанија на сите држави во Европа. Разликата, како што велат, е во политиките кои ги спроведуваат државите за да привлечат поголем број на возачи од други држави.

Причина за недостигот е и пензионирањето на професионалните возачи

Од „Макам – транс“ велат дека недостигот на возачи е и како резултат на одење на голем број професионални возачи во пензија. Според студиите на Светската организација за патен транспорт (ИРУ) и Обединетите Нации (ОН) од 2015 до 2025 се проценувало дека 2 милиони возачи на светско ниво ќе одат во пензија, а до 2028 година се очекува да има има недостиг од уште 500,000 возачи.

Балканските возачи беа привлечени од државите кои плаќаат повеќе

Возачите од балканските земји, балгодарение на брзите трансфери и добивањето работни визи, заминаа да работат во земји како Германија, Белгија, Полска, Словенија и други држави од ЕУ.

Од „Макам – транс“ велат дека и Србија од 1 јануари оваа година им овозможила дневници од 90 евра на возачите, без пресметка на персоналниот данок, за да ги стимулира да останат во нивната држава.

Во Македонија 30 % од капацитетот на возилата е нефункционален поради немање возачи

„Кај нас има исто така недостиг на возачи и би можело да се каже дека 30 % од капацитетот на возилата е нефункционален поради немање возач, а 10 % се млади возачи кои се’ уште немаат професионално искуство, за да работат со полн капацитет“, велат од „Макам – транс“.

Во обид да ги ублажат последиците, тие како Асоцијација побарале да се овозможи зголемување на дневниците за професионалните возачи, за да не се плаќа дополнително персонален данок.

За жал, нашето барање за зголемување на висината на дневнциите на 100 % од пропишаниот износ (на кој нема да се плати персонален данок), беше одвбиен од Министерството за финансии поради дискриминација со другите корисници на дневници, без да ја согледаат сериозноста на ситуација и фактот дека се работи за директни трошоци кои се составен дел на цената на услугата – превоз на стока и патници, а не индиректни трошоци кои ги имаат државните органи при исплата на дневници на администрацијата и другите лица од приватниот сектор кои повремено одат на службен пат, истакнаа од Макам – транс“.

Колкав е интересот кај младите да станат возачи?

Од „Макам – транс“ поднеле иницијатива и дале поддршка за отворање на насока возач во средното училиште „Боро Петрушевски – АСУЦ“. Првите девет ученици започнале со настава во учебната 2024/2025 година.

„Сметаме дека со соодветна кампања и одредени стимулации кои треба да ги даде државата во иднина би имало поголем интерес, особено што ИРУ води активна кампања за привлекување на млади лица и жени кои би сакале да бидат професионални возачи. Новите модели на возила, автоматизацијата и другите олеснителни техники и технологии овозможуваат и жените да се занимаваат со оваа професија“, посочија од Асоцијацијата.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk