Светот на работникот

Работни места кои ќе исчезнат до 2030 година

Нестабилниот пазар на труд дополнително е погоден од рапидниот развој на вештачката интелигенција (AI). Дел од работните места веќе исчезнуваат, додека истовремено се отвораат нови професии кои до вчера не постоеја. Позициите кои пред само една деценија беа високо барани, денес може да се извршат со еден единствен prompt на AI-алатка. Единственото на што можеме да се потпреме е нашата способност да се адаптираме и да чекориме со промените.

Според анализите на Светскиот економски форум и LinkedIn, магазинот Forbes објави список на професии кои се смета дека ќе исчезнат или значително ќе се намалат до 2030 година.

1. Шалтерски работници

Редиците во банките и поштенските експозитури стануваат минато. Сè повеќе услуги се дигитализираат, а во следните пет години речиси и нема да постои потреба граѓаните физички да одат до банка. Автоматизацијата и онлајн-услугите ќе ја преземат најголемата работа.

2. Продавачи во малопродажба

Самоуслужните каси веќе ја менуваат сликата на супермаркетите. Овој модел се шири и во продавниците за облека – во некои продавници на „Zara“ купувачите сами ја комплетираат целата набавка. Со тоа потребата за класични продавачи полека опаѓа.

3. Графички дизајнери

Иако оваа професија се наоѓа на листата на ризични, експертите не очекуваат нејзино целосно исчезнување. Креативноста и визуелната интуиција засега се ненадоместливи човечки вештини. AI ќе ги преземе рутинските задачи, но „мозокот“ на креативниот процес останува човекот. Сепак, дизајнерите ќе мора брзо да се адаптираат и да научат да работат со новите алатки.

4. Оператори во контакт-центри

Работните места кои се темелат само на телефонски повици и однапред зададени сценарија се под голем ризик од автоматизација. Со едноставни разговори и ограничена потреба за импровизација може да се справи и робот. Но работата што бара емпатија, решавање комплексни проблеми и градење релации – останува задача за човекот.

5. Туристички агенти

Иако луѓето сè уште сакаат некој да им го организира патувањето „од-до“, денес постојат напредни програми кои со неколку кликови ги наоѓаат најдобрите аранжмани – без провизија. Со внесување дестинација, датум и претпочитани активности, алгоритмот веќе може да ви испланира цело патување.

6. Правни секретари

За правната терминологија и изработка на договори се потребни години учење, но AI веќе демонстрира можност да подготви квалитетни нацрти за многу пократко време. Вештачката интелигенција може да пребарува огромни правни бази, да дава резимеа и да подготви референци за случаи. Сепак, човекот останува крајниот филтер кој проверува, анализира и одобрува.

Извор: BIZLife