Колумни

Токсичноста не започнува на работното место…

Пишува: Катерина Маџовска, Ко-сопственик на брендот jobs.com.mk

Работното опкружување треба да биде место на соработка, почит и меѓусебна поддршка. Впрочем така пишува на најголемиот број огласи за работни места, во договорот за вработување со вашиот работодавач, согласно ЗРО , членот и ставот, некаде треба да стои но и да важи и дека работодавачот е должен да ја штити и почитува личноста и достоинството на работникот, како и да води сметка и да ја штити приватноста на работникот. Но, дали ние вработените најпрво се почитуваме себе си за да бидеме почитувани личности во една работна организација?!

Во сите овие години работа, од најниската, до најодговорната позиција научив една длабока вистина: токсичноста не започнува на работното место. Таа се носи од дома. Од вредностите, од однесувањето, од тоа како сме научени да се почитуваме себе си и другите. За мене, токсичност е секое непочитување: време, приватност, возраст, изглед, статус, определба, пол. Токсичност е секој обид да се намали вредноста на човекот, колегата.

Од почетокот на моите 20-ти години редовно посетувам обуки. Една лекција што никогаш нема да ја заборавам е од предавачот Петар Лазаров, кој даде метафора: „Кога ќе видиш црв во јаболкото, не го анализираш, го отстрануваш. Така е и со токсичните однесувања, се чувствуваат во воздухот. Токсичноста не мора да биде голем конфликт. Често е ситна, секојдневна, „на прва“ невина но ја труе средината секој ден.

Во минатото работев со мешан тим: луѓе од Македонија, но и колеги од регионот – партнери со кои соработувавме секојдневно. И секогаш искрено кажувам, од странските колеги никогаш не почувствував токсичност. Никогаш не почувствував потценување, пасивна агресија, лоша енергија… Напротив соработка и почит, јасна комуникација,помош,зрелост…

А кај нас?

За жал, многу често забележувам нешто друго. Кај домашните колеги најмногу недостигаат трите наједноставни нешта: почит, одговорност кон задачата и организација.

Ова тројно „основно образование“ не треба да се учи во канцеларија – туку дома.

И уште поважно: не треба да се дели по тоа дали некој е повисока или пониска позиција.

Еве неколку реални примери што сите сме ги виделе или ги слушам во секојдневните интервју за работа:

  1. Лоша енергија „донесена од дома“ – Колега кој имал расправија со партнерот и целиот ден тоа го плаќа тимот. Нервозата, викањето, несоодветни коментари, тоа е токсичност и непочитување на другите и на професионалниот простор.
  2. Станал на лева нога“, па сите да му ја трпат – Кај нас ова се користи како оправдување. Не, не е оправдување. Едното лошо расположение не треба да го уништи денот на десет други колеги.
  3. Личните брачни проблеми преточени во работниот ден – Секој има живот надвор од работа и тоа е нормално. Но кога некој од утро до крај на смена „сејат“ нервоза, пасивна агресија или незадоволство од бракот тоа веќе не е приватен проблем. Тоа станува токсично влијание на целиот тим. Со ова апелирам до сопружници кои работат заедно. Сигурно не им е едноставно но изборот веќе го направиле – да работат заедно. Да, токсично е. Посебено ако првиве веднаш се бранат со став: „Ако ти беше мажена/оженет ќе знаеше…“ Ова е најниска форма и на дискриминација – непочитување на статусот на една личност. Следствено што ми е во сеќавање но и секојдневние со примери од разговор со пријатели се навлегувањата во личниот простор на другиот, односно премногу личните прашања. Велам ПРЕМНОГУ.

Ова е многу честа токсична појава во македонските канцеларии: „Колку плата зема минатиов месец?“, „Колку чини твојот капут?“, „Од кај ти нов телефон?“, „Ти плаќаат прекувремено?“, „Со овој се дружиш?“. Зарем ова Вам не ви руши доверба и создава непријатност?! Јас сум воспитана поинаку: во туѓ новчаник не се чепка. Од дете, на гости фрижидерот не се отвора! Учевме дека човек треба да гледа во својот „двор“, да знае граница. Но токму таа граница која не е само фраза за користење е и најбрзиот начин една компанија да ја убиете одвнатре. За ова посебен акцент ставам на ширење негативност и трачеви, под превез „само си кажуваме“. Токсичниот збор пеплосува три ката за пет минути. Ова е црв што ја јаде целата организација. Скоро секоја македонска компанија плаќа цена поради токсичноста на поединци.

И често не преземаат ништо „за да не се замерат“. А токму тоа ги чини најмногу: изгубени луѓе, шанси, изгубен углед, клиенти, изгубено здравје, изгубена енергија… пари.

Еден токсичен човек може да „изеде“ цела организација токму како црвот во јаболкото.

Јас верувам дека почитта не е диплома. Не е позиција. Не е возраст. Тоа е воспитување. И тоа се носи од домот. Професионалната средина може да го надгради човекот но не може да му ја замени моралната основа.

Затоа мојата порака секогаш е: отстрани го црвот кога ќе го видиш.

Не анализирај. Постави граница. Заштити се. Здрава средина се гради со здрави луѓе или барем со луѓе кои сакаат да бидат такви.

Почитта не е хиерархија. Таа е карактер. Затоа што ако немаме свест, немаме почит, немаме емпатија, немаме одговорност, немаме соработка.

Ајде да бидеме свесно одговорни и да ги оставиме Менаџерите за човечки ресурси да креираат системи за награди и развој на средината и културата во која работиме.

Сите други ‘’техники“ се изгубено време – едно јаболко/тим/компанија помало или помалку.

*Колумната не ги изразува официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник