Работниците повеќе не даваат откази како претходно – стравот од инфлација, отпуштања и ВИ го менуваат пазарот на труд
Иако овој текст се однесува на Соединетите Американски Држави, сведоци сме дека трендовите кои се појавуваат таму се прелеваат и на остатокот од светот.
Минатата година вработените во САД масовно ги менувале работните позиции во потрага за подобри услови и поголеми плати, но 2026 година носи сосема поинаква слика.
Ова го покажува најновото истражување на „WorkWatch Report 2026“ кое го спровела компанијата Monster на примерок од 1,504 вработени Американци од различни индустрии, генерации и образовни профили.
За разлика од 2025 година, кога вработените верувале дека промената на работното место ќе отвори подобри прилики, денес доминира поинаков начин на размислување. Неизвесноста станала нова реалност, па работниците повеќе се фокусираат на зачувувањето на приходите, дополнителни извори на заработка и усовршување на вештините отколку на потрага по нова работа.
Се’ помалку луѓе планираат промена на работното место
Еден од највпечатливите резултати од истражувањето покажуваат дека само 43 % од вработените планираат да бараат нова работа во текот на 2026 година. Тоа е огромен пад во однос на претходната година, кога дури 93 % од испитаниците размислувале за промена на работното место.
Истовремено, 57 % од вработените наведуваат дека немаат намера да го променат работното место, што укажува на растечка потреба за стабилнот во несигурни економски околности.
Стравот од отпуштање расте
Иако многу вработени не ги почувствувале директно последиците од отпуштањата во текот на претходната година, загриженоста поради иднината на пазарот на труд значајно пораснала.
Повеќе од половина од испитаниците, односно 52 %, сметаат дека бројот на отпуштања ширум државата ќе порасне во текот на 2026 година. Дополнителни 41 % очекуваат дека нивото на отпуштања ќе остане приближно исто.
Кога се работи за нивните компании, 13 % од вработените сметаат дека е многу веројатно дека ќе дојде до отпуштања, додека 34 % оценуваат дека таквото сценарио донекаде е можно.
Инфлацијата останува најголем проблем
Растот на трошоците на живот и понатаму силно влијае на финансиските одлуки на вработените.
Дури 58 % од испитаниците наведуваат дека најголема грижа во 2026 година им е можноста дека нивните плати нема да ја следат инфлацијата. Повеќе од половина од вработените, односно 57 % од нив, сметаат дека нивните примања веќе заостануваат зад растот на трошоците на живот.
Поради тоа многумина во текот на претходната година носеле значајни финансиски одлуки:
- 38 % барале или прифатиле подобро платена работа;
- 21 % ги намалиле издвојувањата за пензија;
- 16 % започнале дополнителна работа:
- шест проценти се преселиле во потрага за пониски трошоци на живот.
Ако не добијат зголемуање на платата, речиси половина од вработените велат дека ќе мораат да ги намалат трошоците, додека 38 % би започнале да бараат нова работа.
Враќањето во канцеларија предизвикало поделби
Иако во текот на последните години многу се зборувало за работа од дома, истражувањето покажува дека се’ повеќе компании инсистираат на враќање на вработените во канцеларија.
Половина од испитаниците наведуваат дека мораат да работат од канцеларија пет дена неделно. Сепак, таквата политика не е популарна меѓу кандидатите.
Дури 31 % од вработените велат дека не би се пријавиле за работа која изискува секојдневно одење во канцеларија. За многумина токму целосното враќање во канцеларија е најголемата причина да се откажат од конкурирањето на одредено работно место.
Од друга страна, речиси половина од испитаниците наведуваат дека сепак би конкурирале без оглед на правилата за работа од канцеларија.
Дополнителните работи стануваат нова норма
Во обид да ги заштитат своите финансии, се’ поголем број на луѓе бараат дополнителни извори на приход.
Истражувањето покажува дека 32 % од вработените веќе имаат дополнителна работа или хонорарен ангажман, додека уште 30 % планираат да започнат сопствен „side hustle“ во текот на 2026 година.
Тоа значи дека две третини од работниците активно бараат начин да ги зголемат приходите вон своето основно вработување.
Вештачката интелигенција предизвикува загриженост
ВИ технологиите се’ побрзо влегуваат во секојдневната работа, но вработените имаат поделени мислења за нивното влијание.
Речиси половина од испитаниците, 49 %, стравуваат дека вештачката интелигенциа би можела да ја загрози нивната работа или целата индустрија во која работат.
Сепак, поголемиот дел не очекуваат моментални промени. Само осум проценти сметаат дека ВИ веќе го загрозува нивното работно место, додека 16 % очекуваат такво сценарио во наредните две години.
Најголемата група на испитаници, 38 % од нив, верува дека вештачката интелигенција никогаш нема да претставува сериозна закана по нивните професии.
Нова стратегија на вработените
Резулатите од истражувањето покажуваат дека расположението на пазарот на труд значајно се променило. Наместо отпимизам и подготвеност на ризик, вработените денес избираат претпазливост, стабилност и долгорочно планирање, пишува Monster.
Промената на работата повеќе не е прв избор. Наместо тоа, работниците вложуваат во дополнителни вештини, бараат нови извори на приходи и се обидуваат да се подготват за свет на работа во кој инфлацијата, технолошките промени и економската неизвесност станаа секојдневие.
Извор: Bizportal.rs

