Ристески: Над 32 милиони евра од Оперативниот план се наменети за креирање на нови работни места
Информативни денови за презентирање на мерките од Оперативниот план за вработување за 2026 година денеска се одржаа во општините Струмица, Радовиш и Валандово, соопштија од Министерството за економија и труд.
Пред жителите на општините заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорката на Агенција за иновации, научно технолошки развој и претприемништво ИНОВА Даниела Димовска и заменик-директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова ги презентираа мерките од Оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемништво), каде јавните повици се објавени.
– Еден до врвните приоритети на Оперативниот план за 2026 години се отворањето на нови работни места, каде преку активната мерка за Самовработување, како и втората мерка – „Поддршка за креирање на нови работни места“ која е наменета за компаниите и ќе биде распишана набргу, предвидени се вработувања на вкупно 3.578 лица. Дека врвен приоритет за овој план е отворањето на нови работни места говори и фактот дека за отворање на нови работни места преку овие две мерки се предвидени повеќе од 32 милиони евра или 83,5 % од вкупниот буџет на Оперативниот план – кажа заменик-министерот Ристески.
Тој потенцираше дека интересот е исклучително голем за јавните повици од мерката Самовработување и дека заклучни првите три дена пристигнати се над 1.900 пријави.
На средбите со граѓаните, градоначалниците на Радовиш Љупче Почивалец, Конче Златко Ристов, Валандово Ѓоко Камчев, Дојран Илија Тентов и Струмица Петар Јанков ги повикаа жителите на овие општини да ги искористат поволностите од оваа мерка, како и од останатите мерки од Оперативниот план и да аплицираат на некој од јавните повици.
Од Министерството соопштуваат дека јавниот повик за мерката е активен до 3 јули 2026 година.
-Сите невработени лица заинтересирани можат да добијат детални информации за мерката во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија, контакт центарот 02-3111-850 и веб-страната www.av.gov.mk. Инфо деновите продолжуваат утре со средби со граѓаните во општините Куманово, Гевгелија и Кавадарци, соопшти Министерството за економија и труд. дма/

