Секое трето дете во Македонија е со вишок килограми
Детската дебелина прераснува во сериозен јавно-здравствен проблем во Македонија.
Според податоците на Институтот за јавно здравје и Универзитетската клиника за детски болести, повеќе од 30 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години имаат зголемена телесна тежина, а речиси 14 проценти се соочуваат со екстремна дебелина. Токму поради ваквите алармантни бројки, на Клиниката за детски болести е отворен Центар за менаџирање и третман на обезност кај децата.
„Детската дебелина не е само естетски или нутриционистички проблем, туку комплексна состојба што бара ран и мултидисциплинарен пристап“, истакна министерот за здравство Азир Алиу, посочувајќи дека во центарот заеднички ќе работат педијатри-ендокринолози, нутриционисти, психолози и физијатри.
Експертите предупредуваат дека дебелината во детството значително го зголемува ризикот од појава на дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања, висок крвен притисок, ортопедски проблеми и психолошки последици како стигматизација и социјална изолација. Пристапот до новиот центар ќе се реализира преку системот „Мој Термин“, со упат од матичен лекар или матичен педијатар. Во рамки на центарот ќе се спроведуваат молекуларно-генетски, хормонални и метаболички испитувања за утврдување на причините за дебелината и изработка на индивидуален план за лекување.
Отворањето на центарот доаѓа во време кога растечкиот број деца со прекумерна тежина ја наметнува потребата од посистемски мерки за превенција, едукација и рано откривање на проблемот.

