Шаќири: да го цениме секој придонес кон развојот на науката, бидејќи без наука нема напредок на државата
Без наука, нема напредок. Затоа, особено треба да се цени секој поединец, организација или институција која се занимава со научно – истражувачка дејност, бидејќи говориме за субјекти кои значително придонесуваат кон севкупниот општествено економски развој на земјата. Секоја научно – истражувачка активност значи активност во корист на изнаоѓање ново решение за конкретен предизвик. Токму тоа го прави и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и јас, а верувам и пошироката јавност сме задоволни од неговото работење.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на денешната презентација на резултатите од работата на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во 2021 година, потенцирајќи дека се работи за научна установа која е добро позиционирана меѓу другите од областа и препознатлива по организирањето на големи домашни и меѓународни манифестации, како и по спроведувањето на крупни научни проекти.
„Лично знам каква жртва прави раководството на институтот за да ги постигне програмските цели и знам какви луѓе се дел од неговата работа. Ви честитам на постигнувањата и Ви посакувам уште поголеми успеси во иднина“, рече Шаќири.
Министерот истакна дека Владата и МОН посветуваат сé поголемо внимание на развојот на научно – истражувачката дејност, информирајќи дека буџетот за наука е значително зголемено, од 250 милиони денари во 2018 година на повеќе од 400 милиони денари во 2022 година.
„Ќе потсетам дека минатата година, МОН распредели 224 милиони денари за модернизација на условите и методите на работа во лабораториите на високообразовните и јавните научни установи. Дополнително, се доделија и 19 милиони денари за да се поддржат проекти од посебен јавен интерес на сите седум јавни научни институти, меѓу кои и овој институт“, потенцираше министерот за образование и наука, додавајќи дека се прават континуирани напори процентот од БДП кај нас што се двои за наука да се зголемува константно и да приближи до европскиот просек.
Информираше и дека во насока на поттикнување што повеќе млади да се занимаваат со наука, од минатата година за прв пат се воведени стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки во износ од 18.000 денари за 12 месеци во годината, а по цела деценија повторно се достапни и стипендиите за постдипломски студии во износ од 9.000 денари за 9 месеци во годината, за области каде постои дефицит на кадар.

