Отказот не почнува од денот кога се дава
Според новата анкета на порталот Работник, шест од десет од анкетираните сериозно размислуваат да ја сменат работата. Бројката е висока и лесно е да се задржиме на неа. Сепак, многу поважно прашање е што открива таа.
Еден работник не заминува од работното место поради еден лош ден. Често, одлуката за давање отказ се подготвува долго време и се базира на повеќе работи, меѓу нив е кога платата не ги следи трошоците и вложениот труд, кога добриот резултат поминува незабележано или кога секојдневната комуникација на работа станува извор на притисок.
Точно, ниската плата во анкетата на Работник е наведена како главна причина за заминување. Многумина би заминале ако добијат повисока плата. Но, таа не е единствената причина. Луѓето сакаат да бидат почитувани, сакаат да знаат дека правилата важат за сите и дека можат да го планираат времето надвор од работа. Не сакаат да останат кога тоа ќе му текне на газдата, како во многу случаи. Ако тоа недостига, подобрата понуда од друга компанија одлуката за заминување може да ја направи многу полесна.
Затоа, кога вработениот ќе најави дека ќе си замине, работодавачот не треба веднаш да се праша само како ќе го замени. Пред сѐ, треба да се праша што во работната средина го натерало човекот да почне да бара излезе. Она што ќе произлезе од одговорот можеби го чувствуваат и другите, но сѐ уште молчат. Ама и тие еден ден ќе прозборат, но ако не се реши проблемот, тогаш ќе биде доцна.
Разговорот за причините за заминувањето не мора да се води на последниот работен ден. Работодавачот треба да разговара поединечно со сите вработени во текот на нивната кариера, за да дознае дали се задоволни, што им треба. Некој можеби сака поголема плата, а некој сака поголем баланс помеѓу работниот и професионалниот живот.
Бројката од анкетата е сигнал за размислување. Прашањето е дали работодавачите ќе ја сфатат како таква, пред следниот отказ да го даде одговорот наместо нив.

