Сите мислеа дека не успеала – со месеци не можеше да најде работа, а денес сите зборуваат за нејзиниот бизнис
Британската архитектка Џема Чепмен се преселила во Канада со надеж дека брзо ќе најде работа во својата професија. Наместо тоа, осум месеци безуспешно барала вработување, но токму тој неуспех ја поттикнал да започне сопствен бизнис, кој денес привлекува големо внимание.
Џема Чепмен се преселила во Торонто во јануари 2025 година, веднаш по стекнувањето на квалификацијата архитект. Како што подоцна раскажала, голем дел од својот возрасен живот го поминала во учење, а сакала конечно да започне да живее и да стекнува нови искуства.
Таа добила двегодишна работна виза за млади меѓу Обединетото Кралство и Канада, уверена дека лесно ќе најде работа во архитектурата. Но, реалноста на канадскиот пазар на трудот се покажала поинаква.
Во текот на осум месеци испратила десетици апликации, а одговор добила од само неколку работодавци. Искусството било емотивно тешко и, како што признава, почнала да се прашува дали проблемот е тоа што е странски кандидат.
Хоби што прерасна во успешен бизнис
Иако професионално не успевала да се реализира, приватниот живот во Канада постепено ѝ се подобрувал. Запознавала нови луѓе, волонтирала и полека се вклопувала во животот во Торонто.
Во слободното време почнала да црта мали илустрации од градски згради и препознатливи места, претворајќи ги во своеобразни „поштенски марки“ што ги зачувувале нејзините спомени од градот.
Пријателите ја охрабриле своите дела да ги објави на социјалните мрежи, но таа долго време се двоумела поради страв од реакциите и можниот финансиски ризик.
Пресвртот се случил еден ден во октомври, кога сепак решила да објави видео за својот уметнички проект. За кратко време добила голем број следбеници, а луѓето почнале да прашуваат каде можат да ги купат нејзините минијатурни илустрации.
Иако никогаш не се сметала за уметница, големиот интерес ја охрабрил да започне со продажба.
Од автомат за гуми за џвакање до одржлив бизнис
Така се родил проектот „Toonie Stamps“, преку кој почнала да продава мали уметнички принтови по симболична цена од околу два канадски долари.
Нејзината идеја била уметноста да стане достапна за секого и да биде дел од секојдневниот живот, а воедно преку неа да го документира своето искуство од животот во Торонто.
Со текот на времето, проектот се развил во оригинален модел на локална уметничка дистрибуција. Преку Facebook Marketplace купила стар автомат за гуми за џвакање, го префарбала и го приспособила за продажба на своите принтови.
Првиот автомат бил поставен во јануари 2026 година, со помош на пријател кој ѝ обезбедил простор во својот угостителски објект.
Денес располага со шест вакви автомати. Во секој од нив има и мапа на населбата во која се наоѓа, со цел посетителите да ги откриваат локалните заедници и малите независни бизниси.
Два автомати се поставени на постојани локации – едниот во историската пошта во центарот на Торонто, а другиот во ресторан за скара. Останатите ротираат на различни места, додека три моментално се поставени во станици на метрото во соработка со Комисијата за јавен превоз на Торонто.
Денес заработува од повеќе извори
Покрај продажбата преку автоматите, Чепмен денес остварува приходи и преку онлајн продажба на принтови, месечен „поштенски клуб“ со околу 150 претплатници, како и преку изработка на илустрации по нарачка.
На тој начин нејзиниот уметнички проект прераснал во стабилен бизнис со повеќе извори на приходи.
Нејзината работна виза истекува во јануари 2027 година, со можност да биде продолжена за уште една година, на што се надева.
Џема испраќа едноставна порака до сите што се двоумат да ги претстават своите идеи пред јавноста – да не дозволат стравот од туѓото мислење да ги спречи.
„Важно е да го набљудувате светот околу себе и да ги препознаете празнините што постојат. Токму во тие празнини често се кријат најнеочекуваните можности“, порачува таа.
Извор: Bizportal.rs

