Колумни

Спогодбата за исплата на К-15 мора да се измени уште вчера

Според најавите на здруженијата за заштита на работничките права, оваа година илјадници работници ќе остнат без регрес за годишен одмор (К-15).

Претседателката на „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева рече дека до нив стигнале бројни поплаки од страна на работниците, па токму поради тоа нејзиното предвидување е дека оваа година ќе биде лоша кога е во прашање исплатата на К-15.

Од една страна за тоа најголема вина носат газдите (не работодавачите) кои не исплаќаат воопшто, им исплаќаат далеку помал износ од предвидениот или, она што според мене е најрадикално сценарио – им исплаќаат, но потоа ги бараат парите назад (нешто што мене лично ми се случи пред седум – осум години, но јас не ги вратив парите назад). Од друга страна, дел од вината ја носат и самите работници кои потпишуваат спогодби за да им биде исплатена помала сума на К-15.

На газдите никако да им дојде паметот

И покрај огромниот недостиг на работна сила и постојаното кукање од страна на газдите дека не можат да најдат работници, тие повторно продолжуваат да ја пеат старата песна. Алберт Ајнштајн рекол, парафразирам, да се прават исти работи, а да се очекуваат различни резултати е чисто лудило. Оттаму, газдите кои ќе продолжат да го прават она што го правеа и досега не можат во ниеден случај да очекуваат дека ќе ги задржат вработените, ниту пак дека ќе привлечат нови. И не само поради неисплата на К-15, туку и поради прекршувања на ред други права од работен однос.

Треба да земат предвид дека живееме во ера на социјални мрежи, преку кои добриот збор стигнува далеку, но лошиот стигнува уште подалеку.

Спогодбата мора да се измени под итно

Синдикатите и работодавачите мора под итно да седнат и да ја изменат Спогодбата за исплата на К-15, која предвидува работодавачите кои се соочуваат со финансиски тешкотии да можат да исплатат помала сума од предвидената.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија за порталот Работник неодамна изјави дека во игра е и да се воведе фиксен износ кој би го исплаќале работодавачите кои се справуваат со такви тешкотии.

Ако се прашувам јас. мислам дека потенцијалното решение е токму во измена на Спогодбата, но и зголемниот инспекциски надзор. Тука морам да упатам и порака до вработените да престануваат да потпишуваат спогодби кои се на нивна штета и почесто да пријавуваат до надлежните доколку има потреба за тоа.