МакедонијаСветот на работникот

#ДАСЕПОТСЕТИМЕ: Што вели Законот за работните односи за породилното отсуство

Во продолжение ви пренесуваме дел од Законот за работните односи каде се дефинирани сегментите околу породилното отсуство.

Отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство

Член 165

(1) Работничка за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) 15 месеци.

(2) Врз основа на наод од надлежниот здравствен орган, работничката може да го започне отсуството за бременост, раѓање и родителство 45 дена пред раѓањето, а задолжително 28 дена пред раѓање.

(3) Доколку работничката се породи порано од рокот утврден во ставот (2) на овој член, отсуството за бременост и раѓање започнува да го користи од денот на раѓање на детето до истекот на рокот од ставот (1) на овој член.

(4) Доколку од здравствени причини детето е задржано за нега или лекување во здравствена установа и доколку во меѓувреме мајката или таткото се вратат на работа, отсуството поради раѓање и родителство се прекинува и истото имаат право да го искористат неискористениот дел од отсуството од ставот (1) на овој член.

(5) Работникот е должен на работодавачот да му го најави времето на започнувањето на користењето и времето на завршување на родителското отсуство 30 дена пред започнувањето, односно пред завршувањето на користењето на правото на родителско отсуство.

(6) Работничка која посвојува дете има право на отсуство до наполнување на деветмесечна возраст на детето, а доколку посвоила повеќе деца (две или повеќе) 15 месеци.

(7) Работничка која посвојува дете има право на платено отсуство за времетраењето на периодот на адаптацијата на детето, согласно со прописите за семејството. Повторно враќање на работа од отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство

Член 166

(1) Работничка која користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство, ако сака може да се врати на работа и пред истекот на отсуството, но не и пред 45 дена од денот на раѓање на детето.

(2) Работничката од ставот (1) на овој член, покрај правото на плата, има право и на надомест на плата за отсуство поради бременост и родителство, во висина од 50% од утврдениот износ на надоместокот за отсуството од ставот (1) на овој член според прописите за здравствена заштита.

(3) На крајот на родителското отсуство работникот има право да се врати на истото работно место или, доколку тоа не е возможно, на соодветно работно место според условите од договорот за вработување.

Користење на отсуство од работа за родителство од страна на татко или посвоител на дете

Член 167

Доколку отсуството од работа за родителство од членот 165 на овој закон не го користи работничката, правото на отсуство од работа за родителство го користи таткото или посвоителот на детето.

Продолжување на отсуството поради бременост, раѓање и родителство

Член 168

(1) Ако работничка роди мртво дете или ако детето умре пред истекот на отсуството поради бременост, раѓање и родителство, има право да го продолжи отсуството за време колку што според наодот на лекар е потребно да закрепне од раѓањето и од психичката состојба предизвикана со губењето на детето, а најмалку 45 дена, за кое време и припаѓаат сите права врз основа на отсуството за бременост, раѓање и родителство.

(2) За време на отсуството од ставот (1) на овој член и членот 165 став (2) на овој закон, работничката има право на надомест на плата според прописите за здравствена заштита.