Треба да зборуваме за флексибилно работно време и кратење на работната недела, а не за кратење на празниците
Секоја година по повод 7 октомври – Меѓународниот ден на пристојна работа пишувам колумна. Еве ме и оваа година. Само сега, нема да се осврнам само на негативните работи во светот на работата. За критикување има, но за тоа малку подолу во текстот.
Прво, морам да нагласам дека работите во голем дел се поправија за вработените во јавниот сектор. Таму вработените во голем дел од институциите добија покачување. Некаде потпишаа и договори за четиригодишен раст на платите. Таков случај, чинам, беше во обрзованието и здравството. Во други гранки пак, се потпишаа колективни договори. Ова покажува дека работите во јавниот сектор тргнуваат напред.
Е сега, за разлика од јавниот сектор, приватниот и понатаму се соочува со прекршување на работничките права. Неисплатени плати, неисплатен регрес за годишен одмор (К-15), лоши услови за работа и ред други проблеми. Ова се истите тие нешта за коишто пишувам веќе со години. Ама, оваа година имаме новост. Од Стопанската комора излегоа со став дека треба да се намалат празниците. Тоа предизвика лавина реакции од страна на синдикатите и граѓанските организации за заштита на работничките права. И тоа со право. Од мене имаат најголема поддршка.
Наместо да зборуваме за воведување на четиридневна работна недела, за флексибилно работно време и за продолжување на годишниот одмор, на некој му текнало дека треба да се вратиме во 19 век. Згора на тоа, Македонија, како и речиси цела Европа, се соочува со парадокс – има невработени, но нема работна сила. Ако се усвои ова што го предлага Комората, овој парадокс уште повеќе ќе се зголеми.
А и имаме толку прекршувања, дел од нив ги спомнав. Па, има работници кои со месеци немаат земено плата. Тоа е основното право на еден работник. И сега зборуваат да се кратат работничките права. Па, мислам дека тоа го нема никаде. Во Западна Европа и во регионот имаат повеќе денови годишен одмор. Впрочем, вчера излезе текст дека Македонија има најмалку денови на годишен одмор во регионот. А и од некои компании од приватниот сектор и одморот од 20 до најмногу 26 дена не се почитува.
Како и што рече еден од претседателите на синдикатите, ова е несреќна изјава. И јас мислам дека треба да се повлече.

