Штрајкот на синдикатите предизвика хаос во Белгија: Работниците алармираат дека ќе работат подолго за помала пензија
Белгија вчера се соочи со сериозни нарушувања во јавните служби и транспортот, откако започна тридневниот синдикален штрајк насочен против најавените реформи на федералната влада предводена од премиерот Барт де Вевер. Штрајкот, кој продолжува и денес, предизвика широки последици низ државата.
Колапс на сообраќајот уште од утринските часови
На автопатите низ Белгија се формираа долги колони, а според проценките, сообраќајниот метеж на моменти достигнал повеќе од 450 километри. Лошите временски услови и намалениот обем на јавен превоз дополнително го забавиле движењето.
Пристаништето во Антверпен вчера работеше со минимален капацитет. Дел од бродовите мораа да се вратат, а други останаа закотвени, што доведе до значителни доцнења и сериозни пореметувања во поморскиот сообраќај.
Железничкиот превоз бил речиси целосно нарушен. Многу домашни линии биле стопирани, а меѓународните, како релацијата Брисел–Париз, сообраќале со скратени распореди и пренасочени рути. Во Брисел, градскиот превоз исто така функционираал со големи доцнења, додека службите за чистење предупредиле на отежнато собирање отпад.
Реакција на синдикатите
Штрајкот е насочен против пакетот социо-економски реформи кој предвидува:
- подигање на старосната граница за пензија,
- намалени идни пензиски примања,
- зголемување на ДДВ,
- кратење на дел од социјалните права,
- намалување на поддршката во системот на социјално осигурување.
Синдикатите бараат воведување данок на богатство и на големите дигитални компании, ограничување на субвенциите за корпорациите и укинување на пеналите за предвремено пензионирање.
Продолжување на притисокот врз владата
Ова е уште еден во серијата штрајкови што синдикатите ги организираат изминатиот период. Работниците порачуваат дека предложените реформи ќе значат подолг работен век, а во иднина и помала пензија, поради што најавуваат дека ќе продолжат со притисок врз владата доколку не се прифатат нивните барања.
Извор: b92.net

