900 работници остануваат без работа? Семеен бизнис на работ на финансиски колапс
Во текот на 90 години, „Пајпер“ израсна и стана – според сопствени изјави – најголемиот семеен синџир на парфимерии во Германија, со 120 филијали. Денес, 900 вработени стравуваат за своите работни места, бидејќи традиционалната компанија се наоѓа на работ на финансиски колапс, пренесува Fenix магазин.
Компанијата, основана во 1931 година во Бохум (со седиште во Херне), поднела барање за покренување стечајна постапка до локалниот суд во четврток. Судот веќе ја одобрил иницијалната фаза од стечајната постапка, беше објавено во петок попладне.
Што значи тоа за работниците?
Повеќе од 900 вработени ќе продолжат да примаат плата во следните три месеци. Сите филијали, како и онлајн продавницата, ќе останат отворени. Компанијата се надева на добра божиќна продажба што ќе ѝ овозможи „долгорочно реструктурирање и репозиционирање за иднината“.
Парфимеријата „Пајпер“ во Келн исто така ќе продолжи со работа – барем засега.
Адвокатката Сара Волф, од адвокатската канцеларија Ankor во Дуизбург, е назначена за стечаен управник. Таа ќе го надгледува текот на постапката. Покрај тоа, одлуките на управниот одбор – предводен од Оливер Пипер, внук на основачот – ќе ги следи генералниот директор и експерт за реструктурирање. Целта е, меѓу другото, зачувување на работните места.
Девет децении развој
Герхард Пајпер и неговата мајка Ана ја отворија првата продавница за сапуни во Бохум во 1931 година. Веќе во 1936 година беа отворени нови филијали во регионот Рур. Онлајн продавницата функционира од 2009 година.
Преку аквизиции и проширување, пред десет години компанијата имаше 140 филијали во Северна Рајна-Вестфалија, Долна Саксонија, Бремен и Хамбург. Денес работат 120 продавници, со повеќе од 900 вработени.
„Пајпер“ продава парфеми, производи за лична нега, шминка, производи за коса, природна козметика и модни додатоци. Во 2021 година, компанијата пријавила годишен приход од 113,7 милиони евра.
Извор: b92.net

