Правда

УНИЦЕФ: Повеќе од 300 деца убиени или повредени за време на шест месеци војна во Судан

Над 300 деца се убиени или повредени во последните шест месеци во војната во Судан, најмногу во напади со дронови, соопшти денеска УНИЦЕФ.

Судан од април 2023 година е во граѓанска војна меѓу државната војска и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ). Според податоците на УНИЦЕФ, војната сега е концентрирана во сојузните држави Кордофан, Дарфур и Сини Нил. Организацијата за деца на ОН додаде дека 60 отсто од жртвите настрадале во напади со дронови.

РСФ и војската во моментов се борат за контрола врз стратешкиот град Ел Обеид во Северен Кордофан, а Обединетите нации, САД, Обединетото Кралство и други земји изразија загриженост поради можни извршени злосторства.

Во војната досега се убиени најмалку 59.000 луѓе, раселени се околу 13 милиони, а во многу делови на Судан завладеа глад. На повеќе од 30 милиони луѓе им е потребна хуманитарна помош.

Обединетите нации ги повикаа сите страни да ги заштитат цивилите и цивилната инфраструктура, да овозможат и да олеснат безбеден, брз и непречен хуманитарен пристап, како и да ги преземат сите можни мерки за да се заштитат децата.