Светот на работникот

Вештачката интелигенција го менува пазарот на труд: Кои работни места исчезнуваат и како да се подготвите за новата реалност?

Вештачката интелигенција, промените во индустријата и незадоволството од работата можат да бидат причини за професионална преориентација. Но, што треба да се има предвид пред да се промени работното место или целосно да се започне нова кариера? Експертите имаат неколку совети, пишува германскиот јавен сервис АРД.

Околу 800.000 работни места во Германија би можеле да исчезнат во следните 15 години поради вештачката интелигенција. Таква е прогнозата на Андреа Налес, претседателка на Сојузната агенција за вработување. Истовремено, сепак, ќе се создадат и многу нови работни места.

Бројни експерти предупредуваат дека активностите во многу професии ќе се променат. Некои работни места ќе исчезнат, а ќе се појават нови. За вработените тоа значи дека треба навреме да се приспособат на новата реалност на пазарот на труд.

Кога работното место станува несигурно?

Потребата од професионална преориентација може да има различни причини. Особено во индустријата, која со години важеше за речиси сигурен гарант за стабилно вработување, во моментов се натрупуваат проблеми. Геополитичката ситуација, слабата побарувачка и сè поголемото значење на вештачката интелигенција создаваат несигурност кај многу вработени.

На тоа се надоврзува и фактот дека голем број компании планираат да укинат работни места. Само во автомобилската индустрија, меѓу 2019 и 2035 година, би можеле да исчезнат околу 225.000 работни места, според актуелната проценка на здружението на автомобилската индустрија.

Работни места укинуваат и големи компании од хемиската индустрија, финансискиот сектор, авијацијата и телекомуникациите. За луѓето што работат во некоја од овие индустрии погодени од криза, тоа може да биде причина да почнат да размислуваат за професионален план Б.

Но, дури и кога работното место не им е загрозено, многу луѓе се незадоволни од својата професионална ситуација. Извештајот за благосостојба на Универзитетот во Оксфорд покажува дека во Германија во моментов само секој петти вработен е задоволен од својата работа. Четири од пет вработени, пак, би сакале да работат нешто друго.

Тоа не е проблем само за вработените, туку и за работодавачите. Истражувањата постојано покажуваат дека луѓето кои се незадоволни од работата се помалку продуктивни и иновативни, почесто отсуствуваат од работа и имаат повеќе здравствени проблеми.

Дали веднаш треба да се почне од почеток?

Секој што размислува за целосно нов професионален почеток треба добро да се подготви. Кариерната советничка Лена Хауболд-Фромхерц препорачува најпрво да се утврди која професија одговара на личноста и со што човек навистина сака да се занимава. Во тоа можат да помогнат тестови на личноста или кариерно советување преку Агенцијата за вработување.

Експертката препорачува и водење дневник за работата, во кој ќе се бележат професионалните успеси. На тој начин полесно може да се препознае каде навистина лежат сопствените силни страни. Според неа, важно е човек да има јасна цел пред да даде отказ.

Не е секогаш неопходен радикален нов почеток. И во време на вештачка интелигенција и дигитализација, образованието останува еден од најважните фактори за успешна професионална кариера. Но, за да се обезбедат поголема сигурност и поширок спектар можности, не мора нужно да се напушти сè и да се започне сосема ново образование. Хауболд-Фромхерц советува вработените да ги прошируваат и продлабочуваат своите знаења и компетенции за да можат да се приспособат на дигиталниот пазар на труд, сè повеќе обликуван од вештачката интелигенција.

Експертката го наведува примерот на графичка дизајнерка која ја сака својата работа, но забележува дека сè повеќе луѓе користат ВИ-алатки за да создаваат дизајни, поради што добива сè помалку нарачки.

„Тогаш една од можностите е совршено да ги совладате овие алатки со вештачка интелигенција. Така, практично ја поврзувате сопствената стручност со ефикасноста на ВИ“, објаснува таа.

Предноста на дигитализацијата е што многу образовни програми и обуки за професионално усовршување денес можат целосно да се следат онлајн, преку платформи за е-учење. Тоа им овозможува на вработените да учат во слободното време, паралелно со редовните работни обврски.

Кои се ризиците од промена на професијата?

Професионалната преориентација носи и ризици. Особено за луѓето кои подолго време работат во иста професија, новиот почеток може да значи и пониска плата, бидејќи во новата област сè уште немаат доволно искуство. Практично, повторно почнуваат од почеток во кариерата, со сите последици што произлегуваат од тоа.

Но, и преминувањето од добро платена индустрија, како автомобилската, во друга стопанска гранка често може да донесе финансиски загуби.

Експертите за трудово право советуваат понудите за отпремнина да не се потпишуваат избрзано, туку најпрво внимателно да се пресметаат идните финансиски последици. Тие потсетуваат и дека отпремнините подлежат на оданочување.

„План Б секогаш е предност“, вели кариерната советничка Лена Хауболд-Фромхерц.

Според истражувањата на јавното мислење, меѓу вработените расте стравот за сигурноста на работното место, особено во време на структурни промени и сè поголема примена на вештачката интелигенција.Навременото размислување за сопствениот професионален развој може да помогне во справувањето со неизвесноста и да им овозможи на луѓето самите да преземат иницијатива, наместо да чекаат промените да ги затекнат неподготвени.