ЕкономијаСвет

„ВИ ќе овозможи да работиме три дена неделно и семејствата да живеат од една плата“

Џеф Безос, основач на компанијата Амазон, ја образложил својата сеопфатна визија за иднината, порачувајќи дека Соединетите Американски Држави мораат да ја победат Кина во повторното одење на Месечината.

Смета дека вештачката интелигенција (ВИ) би можела на луѓето да им овозможи да работат помалку, додека огромните центри за обработка на податоци во иднина би можеле да бидат во вселената.

Во ексклузивно интерву за Fox News, Безос зборувал за плановите на својата вселенска компанија Blue Origin и развојот на вештачката интелигенција и се осврнал на политичарите кои милијардерите ги покажуваат како негативци, порачувајќи дека успехот не е криминал.

Слетувањето на Месечината планирано за 2028 година

Безос нагласил дека САД мораат да ја победат Кина во трката за слетување на Месечината, изразувајќи уверување дека тоа е остварливо до 2028 година. Според неговите зборови, НАСА и Blue Origin ќе работат на тоа да обезбедат редовен транспорт на товар за на Месечината да се воспостави постојана човечка база.

„Ќе одиме и на Марс и ќе правиме се’ останато, но прво мораме да одиме на Месечината“, рекол Безос, укажувајќи дека ресурсите од Месечината, како производство на кислород и соларни ќелии од нејзиното тло, би можеле да се користат за понатамошни вселенски патувања, пренесува Kliks.

Човечки работни навики и вештачка интелигенција

Зборувајќи за вештачката интелигенција, Безос предвидува дека растот на продуктивноста би можел да им овозможи на семејствата да живеат од една плата или со кратко работно време.

„Некои луѓе ќе одлучат дека семејството можат да го издржуваат работејќи само три дена во неделата. Тоа е суштината на поголемата продуктивност“, изјавил Безос и додал дека тоа би можело да доведе и до недостиг на работна сила бидејќи луѓето повеќе нема да мораат да работат на повеќе работни места одеднаш за да преживеат.

На новинарско прашање за неодамшените отпуштања на 30.000 работници од Амазон, Безос одговорил дека компанијата била во специфична ситуација бидејќи во текот на пандемијата на коронавирусот нагло и масовно вработувала. Препорачал блага државна регулација на вештачката интелигенција во нејзините почетни фази.

„Не сакате да забраните ножеви, сакате да забраните убиства. Државата треба да ја казнува злоупотребата, а не да ја ограничува самата технологија“, рекол Безос.

Економија, недвижности и обвинувања на сметка на милијардерите

Коментирајќи ги критиките на поединечни политичари на сметка на богаташите и растот на популарноста на социјалистичките идеи, Безос признал дека постојат проблеми со трошоците на живот, особено кога станува збор за цените на становите кои на младите им оневозможуваат да живеат во близина на работното место.

Сепак, нагласил дека проблемот е во понудата и побарувачката на пазарот и политичарите кои за се’ ги обвинуваат станодавците или богатството всушност немаат решенија.

„Ако политичарот само вперува прст и бара виновници, тоа веројатно значи дека нема никакво решение“, оценил Безос.

Детали за вселенските проекти и работењето на компанијата Blue Origin

Зборувајќи за техничките детали на својата вселенска компанија, Безос најавил дека Blue Origin во декември го планира наредниот лет на ракетата New Glenn, откако што во мај се случила експлозија при тестирањето на моторите. Компанијата гради три нови лансирачки рампи за да го зголеми бројот на летови од 12 на 50 годишно.

Безос открил дека неговата долгорчна цел – летови на секој час, а потоа и секоја минута, предизвикува скепса дури и кај неговиот сопствен тим.

„Мислат дека сум луд, но веќе имам видено дека ’лудите’ работи се остваруваат“, рекол.

Основачот на Амазон навел дека лично вложил 28 милијарди долари во Blue Origin, додека компанијата неодамна за прв пат добила 10 милијарди долари од надворешни инвеститори. Додал дека излегувањето на компанијата на берза би можело да следи за неколку години.

На крајот, во склопот на проектот Sunrise, Blue Origin поднел барање до Американската сојузна комисија за комуникации (FCC) за лансирање на повеќе од 50.000 сателити кои би служеле како центри за обработка на податоци во орбитата, со што би се намалил притисокот на потрошувачката на електрична енергија на Земјата.

Извор: b92.net