СветСиндикат

Вработените повикани да собираат пари за подарок за милионерот-газда, синдикатот остро реагираше

Компанија од Холандија предизвика незадоволство меѓу вработените откако од околу 4.000 работници беше побарано доброволно да донираат пари за подарок за нејзиниот основач, чиј имот се проценува на 540 милиони евра.

Холандскиот веледистрибутивен синџир за угостителство „Ханос“ (Hanos) предизвика бурни реакции поради необичното барање упатено до своите вработени. Одделот за човечки ресурси на компанијата ги повикал околу 4.000 работници доброволно и анонимно да донираат пари за подарок за основачот на компанијата, Јан ван дер Хорст, по повод 50-годишнината од нејзиното постоење.

Според холандскиот весник „Де Телеграф“, неколку дена по поканата за дружење во забавниот парк „Ефтелинг“, вработените добиле електронска порака со QR-код преку кој требало да се собираат средства за подарок за семејството на сопственикот.

Компанијата „Ханос“ остварува годишен приход од околу две милијарди евра и претставува еден од најголемите и најпознатите веледистрибутивни синџири за угостителство во Холандија и Белгија.

Синдикатот: Срамота е да се бараат пари од работници со ниски плати

Барањето наиде на отпор кај дел од вработените и синдикатите. Според пишувањето на „Де Телеграф“, многу од работниците во компанијата примаат минимална плата, која во моментот изнесува 14,99 евра бруто по работен час.

Од друга страна, богатството на основачот Јан ван дер Хорст се проценува на околу 540 милиони евра. Осумдесет и тригодишниот бизнисмен се наоѓа меѓу 105-те најбогати луѓе во Холандија.

Линда Вермеулен, претставничка на холандската синдикална федерација ФНВ (FNV), остро го критикуваше потегот.

„Кога располагате со толкаво богатство, срамота е да барате нешто такво од луѓе кои примаат само скромна плата“, изјавила Вермеулен за „Де Телеграф“.

Од компанијата „Ханос“, на прашање на холандската телевизија РТЛ, воздржано одговориле на критиките.

„Ова го сметаме за внатрешно прашање на нашата семејна компанија“, соопштиле накратко од компанијата.

Основачот избегнува медиумско внимание

Јан ван дер Хорст ја основал компанијата „Ханос“ во 1975 година, во холандскиот град Апелдорн. Во текот на годините, тој успеал да ја изгради во еден од најголемите добавувачи во угостителскиот сектор во Холандија и Белгија.

Осумдесет и тригодишниот претприемач е познат по тоа што избегнува медиумско внимание.

Според деловното списание „Квоте“, во 2011 година Ван дер Хорст дури и преку правни механизми се обидел да го спречи објавувањето на неговото име на листата „Quote 500“, која ги рангира најбогатите луѓе во Холандија.

Неговиот адвокат тогаш се повикувал на правото на приватност на претприемачот, посочувајќи и на можните безбедносни ризици што би можело да ги предизвика јавното објавување на податоците за неговото богатство.

Извор: Vjesti.ba