Нека им е (не)среќна Новата година на оние што не исплатија К-15
Не стигнав да напишам колумна за тоа каква беше ситуацијата со работничките права во 2025 година.
А што да напишам – дека илјадници работници не земаат редовно плата, дека илјадници работници не зедоа регрес за годишен одмор, дека на некои газди, и покрај хроничниот недостиг од работна сила, никако не им доаѓа паметот.
И мене ми здосади постојано да пишувам за негативните работи. А, за жал, врие од нив во македонските работни односи.
Пред некој ден испратив барање за пристап до јавни информации до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација. Не знам какви ќе бидат податоците, но сѐ мислам дека бројките на преставки поднесени за дискриминација во работните односи нема да бидат ништо поразлични од претходната година.
Следниот месец ќе испратам и барање до Државниот инспекторат за труд, за да видиме колку преставки имало за прекршување на работничките права и колку работници пријавиле за неисплатен К-15. И таму очекувам бројката да е голема. Не затоа што сакам да биде така, туку поради изјавите на претставниците од синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права дека илјадници работници не зеле К-15.
А неисплатена прекувремна работа, минат труд и ред други права кои следуваат согласно Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор, кој немаат абер да го обноват. За тие бројки, па не сакам ни да помислам.
Барем да седнеа да ја изменат Спогодбата за исплата на К-15, па да утврдеа фиксен износ кој ќе треба да го исплаќаат работодавачите што соочуваат со финансиски тешкотии. Да престанат на работниците да им исплаќаат смешни суми од по 100 или 500 денари.
Не знам, можеби ќе дочекам да го видам и тоа… еден ден.
Нека е среќна Новата година. Ама за илјадници работници е далеку од среќна.

