Започнува комисиската амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2026
Парламентарната Комисија за финансирање и буџет денес се очекува да ја започне дебатата за Предлог-финансискиот план за 2026 година, во второ читање, на која ќе ги анализира презентираните над 200 амандмани.
За време на општата дискусија, која заврши вчера, пратениците од владејачкото мнозинство презентираа гледишта дека предложениот буџет е остварлив и прогресивен со показатели засновани на подобрување на економскиот развој и силна имплементација на проектите и приходите.
Со реализација на предложениот финансиски план, според нив, ќе се задоволат потребите и барањата на граѓаните бидејќи се обезбедуваат повеќе пари за повисоки плати, пензии, нови училишта, детски градинки, унапредување на инфраструктурата, дигитализацијата, капиталните вложувања.
Спротивно на нив, опозициските пратеници тврдат дека предложениот буџет е нереален, непродуктивен и социјален и нема да го подобри стандардот на граѓаните и услугите од државата. Критикуваа и дека ќе се зголеми јавниот долг и оти се намалени капиталните инвестиции.
Со Предлог-буџетот за 2026, економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, вкупните расходи на износ од 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции 40,5 милијарди денари (650 милиони евра).

