ЕкономијаМакедонија

Во Иловица- Штука во ниту еден процес нема да се користи цијанид и сулфурна киселина

Еуромакс писмено ги извести органите на државата речиси една година пред да бидат направени измените во Законот за минерални суровини дека компанијата донесе Одлука со која процесот на добивање на злато се отстранува од проектот.

Дали современото живеење е возможно без рударство? Да се откажеме од секое удобство на современите технологии и да живееме во свет без електрична енергија, телефонија, автомобили, интернет, вештачка интелигенција… Колкумина се подготвени на такви откажувања? Мислам дека С. Македонија треба да има јасна стратегија за  иднината на рударството во земјава, затоа што рударството и во денешното современо живеење со сите цивилизациски напредоци останува неизбежна индустриска гранка која придонесува за економски развој. Може да го критикуваме,… но никако не може да очекуваме од идните генерации да прифатат да живеат без денешните комодитети.

Според мене треба да го унапредуваме, односно да воведеме реални и применливи контролни механизми кои даваат резултат и гарантираат користење на најсовремените технологии и пракси за заштита на животната средина. Всушност во праксата веќе постојат проекти кои се развиваат во насока на современи рудници кои применуваат бројни и обемни мерки да го намалат нивниото влијание врз животната средина. Рударските компании се ориентират кон машини кои работат на струја наместо на дизел. Воведуваат роботизирани машини со кои и жени можат лесно да управуваат. Развиваат системи за намалување на бучава и прашина, но и технологии кои ги заменуваат штетните супстанци кои се користат во некои постојни рудници.

На делови од територијата на Република Северна Македонија се протега Металогенетска зона со која се поврзани голем број наоѓалишта на бакар, злато, олово и цинк. Оваа зона започнува од Романија, поминува низ Србија, Косово, Бугарија, Грција и понатаму продолжува во Турција. Во оваа зона изградени се и работат безбедни рудници, а државите и нивното население имаат долгорочни придобивки од природните богатства.

Последниве дваесетина година се спроведени бројни и обемни геолошки истражувања на повеќе локации низ Македонија кои спаѓаат во оваа зона. Слично како истражувањата спроведени од 2004 до 2015 година на локалитетот Иловица-Штука, каде беше дефинирано рудно тело богато со бакарно златна минерализација.

На база на резултатите од геолошките истражувања на локалитетот Иловица – Штука, дизајниран е проект современ рудник за површинска експлоатација на бакар. Ископувањето на рудата ќе се врши со најсовремени методи и технологии за фрагментирање на карпи. Здробената руда ќе се транспортира со големи камиони-дампери до примарната дробилка и понатаму со транспортна лента здробениот материјал ќе се транспортира до Постројката за преработка на рудата. Овде од рудата  ќе се одделуваат минералите кои се богати со бакар преку процесот наречен флотација. На тој начин ќе се добие бакарен концентрат. Во овој процес нема да се користи цијанид и сулфурна киселина. Водата која се користи при флотацијата ќе се рециклира и повторно ќе се враќа во процесот.

Дека сето ова ќе се применува и ќе се почитува, инвеститорот предложи на владините претставници во 2018 година да се формира независно мониторинг тело што ќе врши проверка на секој чекор во развојот на рудникот. Независното мониторинг тело ќе вклучи експерти, претставници на инспекторати, претставници од населените места околу рудникот, како и од невладините организации кои се залагаат за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.

Првобитно беше дизајниран процес и за добивање на злато. Меѓутоа, локалното население изрази загриженост заради реагенсите кои се користат за добивање на златото (цијанид и сулфурна киселина). Оваа загриженост на локалното население придонесе менаџментот на Еуромакс да донесе Одлука со која овој процес на добивање на злато се отстранува од проектот. Односно, во ниту еден процес нема да се користи цијанид и сулфурна киселина. И за оваа одлука, писмено беа известени органите на државата речиси една година пред да бидат направени измените во Законот за минерални суровини.

Митко Лиговски, Главен геолог во Еуромакс ресоурцес

На следниов линк погледнете ја видео изјавата за проектот Иловица – Штука.