Компанијата „Тесла“ ги отпушта работниците со договори за работа на определено време од фабриките за производство на автомобили и акомулатори во Калифорнија и Невада, рекле тројца вработени за Си – Ен – Би – Си.
Компанијата ги откажува договорите на оваа категорија на вработени во фабриките за автомобили во Фримонт, Калифорнија и во Гигагабриката блиску местото Рено, во Невада, каде „Тесла“ произведува батерии за напојување на електричните возила и акомулатори.
Овие мерки ќе погодат стотина работници, велат соговорниците на Си – Ен – Би – Си кои замолиле да останат анонимни, бидејќи не се овластени за комуникација со медиумите за внатрешни работи на компанијата.
Работниците на определно, од кои многумина работеле со години во „Тесла“, некои од нив со надеж дека ќе добијат постојано вработување со полно работно време, за отказите ги известиле нивните агенции за вработување.
Во дописот на агенцијата „Баланс Стафинг“ до отпуштените работници пишува: „Со најдлабоко жалење мораме да ве известиме дека прекинот на работата во фабриката „Тесла“ е продолжен поради пандемијата на Ковид – 19 и како резулатат на тоа „Тесла“ побара моментално раскинување на сите договори“.
Агенцијата за регрутирање на кадри навела дека работниците ќе останат да се водат во „Баланс Стафинг“ и дека можат да најдат друга работа преку нивната компанија.
Од оваа агенција ветиле и дека ќе дадат се од себе за да повторно ги вратат работниците во „Тесла“ во иднина, доколку тоа е можно, уверувајќи ги отпуштените дека причината поради која добиле отказ не е квалитетот на нивната работа, туку исклучително тешките услови за работење.
Вработените на определено, ангажирани преку други агенции, добиле слични известувања во четвртокот и петокот, рекле работниците кои разговорале со Си – Ен – Би – Си.