СветСветот на работникот

Една третина од овие работници стравуваат за пензија во Германија

Една третина од самовработените и микро-претприемачите во Германија стравуваат за својата пензија и сметаат дека нема да можат да го задржат животниот стандард во староста, покажува објавената студија на Минхенскиот Институт за економски истражувања – ИФО.

Според анкетата, речиси сите испитаници веќе користат некоја форма на штедење за пензија, а 46 проценти од самовработените сметаат дека доволно се обезбедиле за постарите години.

Анализата покажува дека оние кои се чувствуваат посигурни во однос на идната пензија користат повеќе различни опции за штедење и осигурување.

Германската влада планира од 2025 година да воведе задолжително пензиско осигурување за самовработените и микро-претприемачите доколку немаат други форми на штедење.

Германските самовработени претприемачи и микро-компании со помалку од девет вработени пријавуваат пад на бизнис-сентиментот, а работата и оптимизмот во оваа категорија претприемачи се сè помали, според заклучокот од јулскиот извештај на ИФО институтот.

Дури 43,6 проценти од самовработените се жалат на недостиг од нарачки. Тоа е нешто помалку отколку во април (48,4 проценти), но и понатаму полошо отколку во германската економија во целина, каде што на недостиг од работа се жалат 36,7 проценти од фирмите.

„Ситуацијата со нарачките, и покрај малото подобрување, и натаму е критична за многу самовработени. Тие се под сериозен економски притисок“, оценува претставничката на ИФО институтот, Катрин Демелхубер.