Ем сака да зема од државата, ем на црно да работи
Колумна на Бобан Илијевски
После сѐ што се случи, искрено немам волја да пишувам за работните односи, но сепак сметам дека и во вакви моменти, не смее да се дозволи да се оттргне вниманието од една тема којашто и тоа како е од голема важност.
Вчера Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“ го објави Макроекономскиот монитор за третиот квартал, каде, меѓу другото, го анализира и пазарот на труд. Според податоците од нивниот извештај, невработеноста во Македонија во третиот квартал изнесува 12,8 % и таа е намалена од 13,1 % колку што изнесувала во претходниот (втор) квартал. Иако намалувањето не е значително, секогаш е позитивна вест кога се случува истото. Од друга страна, вработеноста е зголемена од 45,5 % ( колку што изнесувала во вториот квартал) на 45,7 % во третиот, што повторно не е некое големо зголемување, но трендот е позитивен.
Невработеноста во оваа држава многу години претходно изнесуваше и над 30 %; тоа беше пред оваа коалиција да дојде на власт. Откако дојдоа на власт, поранешниот премиер Зоран Заев рече дека истата до крајот на мандатот (кој истекува следната година) ќе се намали на едноцифрен број. И навистина, невработеноста се намали, само што не знаеме како се намали. Дали преку вработувања или преку иселување на народот. Земајќи предвид дека само во Германија минатата година, а и претходно, се иселени десетици илјади луѓе, многу лесно може да се заклучи дека намалувањето на невработеноста е благодарение на иселувањето. Не дека луѓето не се вработуваат во Македонија, но мислам дека тоа не е главната причина за намалувањето на истата.
Постои и друг проблем, а тоа е што не се знае колку од лицата кои се водат како невработени, се дел од сивата економија. Работодавачите веќе долго време апелираат дека потребно е да се прочисти тој список, за да на истиот останат само оние кои навистина се невработени. Факт е дека има многу луѓе кои земаат социјална помош, а притоа работат во сивата економија. Тоа, според мене, воопшто не е фер, бидејќи еден работоспособен човек може да работи во формалниот сектор, и притоа ако сака да заработува повеќе, може да си најде дополнителна хонорарна или привремена работа. Благодарение на интернетот и технологијата, тоа во денешно време и тоа како е остварливо и одржливо. Нефер е и кон оние кои поради различни причини се онеспособени да работат и на кои им треба помош од државата за да можат да имаат пристоен живот. Затоа сметам дека надлежните мораат да преземат нешто во врска со оние луѓе кои се водат како невработени, а притоа работат во сивата економија и земаат социјална помош и парите кои тие ги земаат, да се пренасочат кон оние луѓе на кои навистина им се потребни.
Мораме да поработиме на нашиот менталитет и да сфатиме дека како поединци – жители на оваа држава имаме одговорност кон нашите сограѓани кои поради разни причини не можат да бидат дел од пазарот на трудот.

