Илјадници граѓани сѐ уште ги чекаат ветените 6.000 денари – Влада: парите ќе бидат исплатени
Владата сѐ уште ги нема подготвено измените на Законот за финансиска поддршка за граѓаните кои не успеаја во декември, да можат сега да ги земат ветените шест илјади денари од државата. Вкупно 22 илјади граѓани ќе чекаат предлог измените да пројдат на владина седница, за потоа истиот предлог да биде испратен до Собранието. Без зелено светло од пратениците во Собранието банките нема да можат да ги исплатат парите на граѓаните. Од Владата уверуваат дека целиот процес ќе заврши до крајот на овој месец.
“Измените на Законот за финансиска поддршка се во подготовка и во најскоро време ќе бидат разгледани на седница на Владата, а јавноста ќе биде информирана. Со измените ќе се овозможи на околу 22 илјади граѓани кои не успеаја да ги ажурираат податоците за банкарските сметки тоа да го сторат во определен рок за да може да се изврши исплатата на помошта од по 6.000 денари Очекуваме процесот да заврши во текот на овој месец, откако за законската измена ќе се изјасни Собранието“, велат од Владата.

