Спасовски: Покажавме дека во МВР работат професионалци кои неуморно ги извршуваат работните обврски
Фејсбук статус на Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски:
Денеска се обратив на одбележувањето на 7 Мај – Денот на македонската полиција, во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, во присуство на државниот врв, дипломатскиот кор, локалната самоуправа, раководството на МВР и гости.
Горд сум што и покрај несаканата ситуација на глобално ниво, покажавме дека во ова министерство работат професионалци кои неуморно ги извршуваат своите обврски, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и за секојдневните потреби на граѓаните. За ефикасноста на полициската работа покажуваат конкретните резултати во борбата против криминалот.
Со задоволство можам да констатирам дека во речиси сите сегменти е очигледно подобрувањето на резултатите, а евидентно е и генералното намалување на криминалитетот.
Така, во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година кривичните дела бележат намалување за 9,5%, во споредба со истиот период лани.
Организациските единици во БЈБ активно постапуваат по седум оперативни акции и резултатите се видливи: зголемена откривачка функција на наркотици и оружје, спречување на илегалната миграција и криумчарењето на мигранти, санкционирање на економскиот криминал, сузбивање на сериозниот и организиран криминал.
Зајакнатите сообраќајни контроли, пак, придонесоа за создавање на што побезбедни средини за граѓаните, па 2020 година беше година со најмалку жртви во сообраќајот.
Покажавме дека знаеме да застанеме храбро и одважно во заштита на бескомпромисното владеење на законите, бидејќи нашата заедничка цел е нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција за сите кои ќе го прекршат законот, без исклучок!

