ПравдаСветот на работникот

Им ги земал пасошите за да ги држи принудно на работа: Сведоштво на млад Радовишанец за работното искуство во Хрватска

Некои од македонските сезонски работници коишто заминаа да спечалат пари во Хрватска се соочија со бројни, најблаго кажано, непријатни искуства. Најголемиот дел од нив се заминати преку т.н. „човек – агенции“ и огласи објавени на социјалните мрежи од страна на поединци кои имаат некаков бенефит од тоа да им испорачуваат работници на одредени газди во Хрватска, притоа ветувајќи им на работниците „брда и долини“ – плати коишто не ни ги исплаќаат угостителските објекти во Хрватска, но и одлични работни услови.

Еден млад Радовишанец за порталот Работник раскажа дека му се случило нешто слично. Неговиот идентитет е познат на редакцијата на Работник, но поради страв од одмазда, ќе остане анонимен.

Преку фејсбук, младиот Радовишанец нашол оглас за работа во Хрватска, каде се барале помошници за во кујна, па решил да контактира со нив. Му било речено само да го земе пасошот и да оди во Хрватска, поточно во Пореч, а воедно му било наложено и да извади повратна карта. Тој се сомнева дека тоа е поради тоа што не планирале воопшто да му дадат плата, па со повратната карта да може да се врати назад, што се сведува на тоа дека целата суштина била да бидат искористени само за работа.

„Во Хрватска отидовме тројца, уште еден другар од Радовиш и една девојка од Кавадарци. Таму имаше работници од Македонија кои работеле од март месец. Ми кажаа дека им ги земал пасошите и дека ги држел на работа на црно, за да не си заминат, поради тоа што без документи не можат никаде да одат“, раскажува тој.

За среќа, вели, не дошло до тоа да им ги земе пасошите и на нив тројца, бидејќи виделе „колку е часот“ и заминале од таму.

Вели дека не им рекол ништо ниту за плата, ниту за работни услови. А за сместувањето, им кажал дека ќе бидат сместени двајца до тројца во една соба. Нашиот соговорник вели дека тоа воопшто не било така, бидејќи во една соба имало сместено од девет до единаесет луѓе. На катот имало три соби, во кои вкупно, според неговата проценка, биле сместени триесет луѓе.

На катот, како што вели, имало само еден тоалет, па и за најмала потреба морале да чекаат повеќе од еден час.

Немало ниту каде да ја перат облеката, па морале тоа да го направат во перална, каде што едно перење чинело пет евра, вели тој, додавајќи дека „ние таму не отидовме да трошиме пари, туку да заработиме“.

Раскажа и дека сопственикот на угостителскиот објект фрлал со чевли по нив, ги пцуел и навредувал. На прашањето зошто го правел тоа, нашиот соговорник вели дека „газдата пиел по неколку таблети Хелекс, бидејќи имал некакви проблеми“.

Таму поминал осум дена, неговиот другар останал девет дена, а девојката којашто отишла со нив заминала веќе четвртиот ден. Работел по петнаесет часа дневно, работно време коешто ниедно човечко суштество не може да го издржи.

Останатите коишто останале таму да работат, не сакале да поведат никаква постапка против газдата, со надеж дека ќе им бидат исплатени парите коишто ги заработиле. Додаде дека тие се плашат и од црн печат, бидејќи пасошите сѐ уште биле кај газдата.

Откако заминале од таму, вели Радовишанецот се упатиле кон Карловац, во близина на Загреб, каде што нашле привремено сместување. Некој човек кој имал градежна фирма таму 30 години ги прибрал и преку некој Македонец успеал да им најде работа во близина на Риека.

Таму поминале одлично, додаде тој.

Ни раскажа и дека во текот на своето патешествие биле принудени да јадат расипан леб, вадејќи го здравите остатоци од него, бидејќи немале пари да купат ниту леб.

Од Синдикатот за угостителство и турзам на Македонија за Работник рекоа дека имале повеќе вакви поплаки од страна на македонски сеознски работници. Им порачуваат дека треба да бидат многу внимателни преку кого заминуваат на работа во Хрватска или било која друга земја.

Hrvatska / Foto: Tanjug/AP/Darko Bandić

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk