Минималната плата до крајот на годината ќе треба да порасне за 3,000 денари, смета Ралповски
Конфедерацијата на слободни синдикати – КСС поднесе неколку предлози до сите пратеници во Собранието од кои произлезе еден амандман кој беше едногласно одбиен од страна на мнозинството
Финансиска поддршка од по 3,000 денари за месеците јануари, февруари и март 2023 година за работниците кои земаат плата од 18,000 до 22,000 денари плата.
Ова го предвидуваше амандманот на Предлог – Буџетот за 2023 година којшто го предложи Конфедерацијата на слободни синдикати до сите пратеници, а беше поднесен само од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, но истиот беше одбиен од страна на мнозинството.

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски за Работник рече дека ваквиот потег на мнозинството е многу разочарувачки и истиот покажува негрижа за работниците во овој тежок период – „кога имаме двоцифрена инфлација, но и зголемување на храната над 30 до 40 % и голема цена на електричната енергија“.
„До крајот на годината минималната плата би требала реално да се зголеми за 3,000 денари“
Ралповски се осврна и на тоа дека Владата повторно прави упад во законите и не го почитува Законот за минимална плата – со тоа што планира само 1,600 денари зголемување на истата.
Согласно Законот за минимална плата и формулата со којашто се пресметува минималната плата – 50 % од инфлацијата и 50 % од порастот на просечната плата, во овој момент минималната плата треба да порасне за 2,700 до 2,800 денари. А на крајот на годината веруваме дека тој процент ќе биде поголем и дека ќе изнесува над 3,000 денари – вели Ралповски.
Ова јасно покажува како Владата се однесува кон работниците, но и пратеничките групи коишто не го препознаваат овој скриен „тројански коњ“ на Владата којашто повторно сака да направи упад во платите на работниците, потенцираше Ралповски.
Бодот на вработените во јавниот сектор да се зголеми за 25 %
Акцент стави и на платите на работниците во јавниот сектор, за коишто вели дека се начелно порамнети, односно платите на вработените со средно образование се израмнија со платите на оние кои имаат високо образование.
Како синдикат, повторно побараме да се предвиди зголемување на бодот којшто го определува Владата за 25 %, со што би се направило какво – такво усогласување на платите се до носењето на новата минимална плата – истакна Ралповски.

