Недела – неработен ден – големите компании ПРОТИВ, малите ЗА?
Бобан Илијевски
Недела како неработен ден повторно се врати на агендата на работниците и бизнис секторот, откако Владата истакна дека законското решение кое е дел од Законот за работни односи ќе започне да се применува од 1 октомври 2021 година, иако претходно беше посочено од истата Владата дека ќе започне да се применува од 2022 година.
Што ја премисли Владата?
Веднаш по прес – конференцијата на Владата, стигна првата реакција за нејзината одлука, недела како неработен ден да се применува од 1 октомври оваа година. Таа пристигна од Претседателот на Движењето за социјална правда „Обединети Работници“, Бобан Кочовски кој истакна дека најавата на Владата е сомнителна бидејќи е непосредно пред локалните избори.
„Да се потсетиме, октомври е месец на локални избори во Република Македонија, месец во којшто ќе се добие нова локална власт во општините ширум земјава. Тајмингот којшто е избран за спроведување на проектот „Недела – неработен ден“ остава огромен простор за сомнеж дека истиот ќе биде злоупотребен за партиски цели, односно како своевиден ‘легален поткуп’ за глас повеќе во изборниот циклус.
Тој потенцираше дека ја осудува оваа стратегија на Владата и на Министерството за труд и социјална политика, поради фактот дека истата не е наменета исклучува за интересите и потребите на работниците, туку истата има далеку поголема позадина.
Порача дека политичките партии мора да разберат дека со манипулации и злоупотреби на работниците нема да добијат ништо друго освен нивниот гнев.
Реакција стигна и од Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“, од каде посочија дека ќе го оспорат ова законско решение пред Уставниот суд.
„Во приватниот сектор ние немаме евиденција за работно време и затоа сметам дека ова сега што се продава од страна на Сојузот на синдикати, како социјален партнер, е само продавање магла. Значи, недела не е неработен ден, туку ќе биде работен ден и тоа за многу дејности, дополнително е и што нема автентично толкување, кои се тие помошни, придружни дејности. Можат да произлезат уште 100 од нив и фактички ќе биде легално прекршување на работничките права во име на профитот“, реагира Ампева.
Големите компании против, малите за?
Стопанската комора на Северна Македонија е против ова законско решение уште од неговото најавување. Од комората во понеделникот на прес – конференција посочија дека доколку се примени ова законско решение 30 % од работниците можат да останат без работа, а покрај тоа би станала неизвесна реализацијата на капиталните проекти, би можело да дојде до застој во производството, до повисоки трошоци, намалена продуктивност и несигурен поврат на инвестициите.
Од Стопанската Комора истакнаа дека Владата го донела ова законско решение без да бидат земени во предвид забелешките и предлозите на бизнис заедницата.
Претставниците на градежниците, обложувалниците и прехранбената индустрија посочија дека неработењето во недела не значи придобивка за работниците, како што некој сака да прикаже, туку се работи за прашање кое ги засега сите.
Истиот ден, преку фејсбук статус реагираше Александра Андреева, потпретседател на Комората на сметководители и член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија која истакна дека стопанството на кое се повикуваат во случајот, всушност се олигархијата (1%), велејќи дека се тие истите што и онака имаат секакви поволности и привилегии, па „недела – неработен ден“ ќе им брцне малку подлабоко во џебовите отколку што сакаат.
„Во наведениот случај стопанството не се микро и малите претпријатија (99%), во најголем дел фамилијарни фирми, бидејќи истите, согласно спроведените анкети на Сојузот на стопански комори, беа согласни овој закон да биде донесен и имплементиран“, напиша Андреева.
Таа подвлече дека кога требало да им се помогне на микро и малите компании, им кажувале дека фокусот на државата треба да биде на „локомотивите“ на економијата, нагласувајќи: „ама сега кога треба да се алиби за спроведување на нечии агенди, сосема совршено им се вклопуваат во муабет“.
Претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија Миле Бошков посочи дека и да се донесе ова законско решение, нема да се почитува од страна на некои од работодавачите, бидејќи таков е менталитетот. Истакна дека прво треба истиот да се промени за да почнат одредени работи да се менуваат.

