МакедонијаПравдаСветот на работникот

Нема соодветни механизми за заштита на работниците од мобинг

Мислам дека на почетокот не не сфатија сериозно како Здружение. Уште од март месец апелиравме дека превозот на вработените, а исто и концентрацијата на луѓе во поголемите погони ќе придонесе за заразуваање со коронавирусот, рече Претседателката на Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева во Утринската емисија на ТВ Алфа. 

„Сметам дека дадовме релативно добри мерки и препораки, но за жал нашето беше до тука. Мислам дека добар дел од работодавачите сакаа да заштедат овој период, затоа наместо да воведат две смени, како и што наложи Владата, некако сметам дека не се направи тоа како што треба. Исто така превозот си го направи своето, и да не зборуваме за финансиските средства коишто, не само во текстилната индустрија, туку во целиот приватен сектор, се злоупотребија“, рече Ампева.

Истакна дека смета дека немало доволно контроли за да може да се води евиденција за почитувањето на мерките од страна на работодавачите и работниците. 

На прашањето на водителката за тоа дали смета дека сега се позаштитени текстилните работнции, таа рече дека не смета дека се заштитени. Посочи дека сеуште има контроли и инспекциски надзори, нагласувајќи дека има работодавачи кои прилично се придржуваат кон мерките за заштита од коронавирусот, како и дека организираат сопствени превози за да не се групираат работници од повеќе фирми во едно транспортно средство. 

„Со штедењето видовме дека беа затворани фирми на подлог период, бидејќи не можат да издржат со по 20 % заразени луѓе и тоа е во принцип што го зборуваме цело време. Државниот трудов инспекторат правеше се што можеше на терен, меѓутоа на крајот од денот капацитетите им се тие. Да не збориме за тоа дека од Нова година многу од инспекторите ќе заминат во пензија и не знам кој ќе ги замени“, рече Ампева.

Посочи дека ова останува континуиран проблем, како и недоволната комуникација помеѓу институциите како АВРМ, УЈП и полицијата. Според неа, полицијата требало да биде надлежна за превозот. Посочи дека 60- тина фирми во Штип имаат ист организиран превоз, па поради тоа смета дека се случува да има повеќе заразени. 

Во однос на мобингот во текстилните фабрики, Ампева истакна дека мобингот се застапен во фабриките и даде личен пример за себе посочувајќи дека била жртва на мобинг. Рече дека поради тоа се бори за правата на текстилните работници. Ампева подвлече дека недостасува сидникално организирање и правни механизми кои се во корист на вработените, а не само испишани на хартија. Подвлече дека кај нас таков е Законот за заштита од мобинг. 

„Сметам дека не само во текстилната индустрија, мобингот е застапен секаде, меѓутоа немањето на добра легислатива преку која полесно ќе може да се докаже мобингот, го прави своето, да никој не зборува за мобингот. Судските случаи со мобинг се многу малку. Фали мерливост во легслативата за мобинг, за да биде докажан“, вели Ампева. 

Таа истакна дека голем проблем се договорите за работа од еден месец во текстилната индустрија. Посочи дека работодавачот може да го продолжува договорот на еден месец во рок од пет години, што според неа е преголем период. 

„Доволен е периодот од 6 до 9 месеци, за да видите дали еден работник ќе биде корисен организацијата или нема да биде. Нема потреба да се влечат договорите до пет години. Со тоа се создава несигурност на работното место и вработените треба да се плашат и да не го дигаат гласот“, рече Ампева.