СУТ: Што е со вработените во угостителските објекти?
Синдикатот за угостителство и туризам при КСС остро реагира на несовесното повикување од страна на НУК (Независната угостителска комора) да се затворат сите угостителски објекти на две недели. Свесни сме за здравствената состојба во нашата држава и за сите протоколи и мерки кои се наложуваат да бидат воведени во угостителските објекти, но никако не се согласуваме со недефинираните предлози од страна на НУК за затварање на угостителските објекти без да се знае што ќе биде со работниците на тие објекти. Сметаме дека мерките од владата се премногу строги и не се согласуваме со дополнителни мерки за намалување на бројот на гостите како и други мерки кои се на штета на угостителството, известуваат од синдикатот.
СУТ бараат од владата да усвои мерки за поддршка на угостителството и туризмот за да се намалат последиците од корона вирусот а не да ја отежнуваат и онака тешката состојбата на угостителството со тековните протоколи кои придонесоа за енормно намалување на гостите во објектите а со тоа и губење на многу работни места. Од таму воедно испратија порака до Владата, за тоа да се запрашаат за работниците во угостителството и туризмот, како тие опстојуваат? – информираат од Синдикатот за угостителство и туризам.

