Пандемијата ја продлабочи нееднаквата дистрибуција на приходите: богатите побрзо се збогатуваат, сиромашните побрзо осиромашуваат
Пандемијата ја продлабочи нееднаквата дистрибуција на приходите: богатите побрзо се збогатуваат, сиромашните побрзо осиромашуваат
Европскиот институт на синдикати деновиве објави извештај на оваа тема, во кој се посочува дека зголемувањето на јазот во висината на приходите стана многу понагласен во текот на пандемијата. Тие посочуваат дека иако веќе стана клише да се говори за зголемувањето на нееднаквостите во приходите, како резултат на пандемијата на Ковид-19, сепак не може да се изостави овој факт, со оглед на тоа што стариот проблем доби нови димензии и креира уште поголем број случаи на зголемување на богатството на богатите наспроти осиромашувањето на сиромашните. Од институтот посочуваат дека ова е системски и структурен проблем, кој всушност и не е нова појава- слична криза имаше и во 2007 година, но во тие нормални услови беше полесно да се надмине. Моменталната криза, сметаат тие, е всушност производ на економски модел кој во изминатите три децении, прогресивно прераспределуваше сè помалку богатство на посиромашните во општеството, додека акумулираше сè повеќе на (и онака) побогатите. Со други зборови, тоа е структурен проблем. Со оглед на корозивното влијание што нееднаквостите го имаат врз социјалното и економското, но и на политичкото и демократското ткиво на нашите општества, одговорите на политиките на проблемот со нееднаквоста мора да бидат подеднакво структурни по карактер.
Сегашните услови и околности, со оглед на тоа што крајот на пандемијата не се гледа од денешна перспектива, не ветуваат многу, иако останува можноста секоја земја да ја менаџира кризата, односно да спроведува мерки на задржување на работните места, одржување на нивоата на платите, како и да ги подобри условите на социјална заштита.
Тимот на Јуридика

