Плата 2.000 евра, условите одлични, но работници нема ни за лек
Кога ќе се спомне работа на плажа во Брела, многумина веднаш ќе помислат на летна идила: сонце, море, свеж воздух и обезбедена храна. Платата од 1.000 до 1.200 евра за сезонска работа што не бара посебни квалификации на прв поглед звучи примамливо.
Сепак, оваа сезона работите не течеа според очекувањата. Во Фејсбук групата „Барам работа/Нудам работа – Далмација“, еден работодавач објавил два огласи за работа на педалинки и лежалки на плажа во Брела. На почетокот понудил плата од 1.600 евра, но откако не успеал да пронајде работник, ја зголемил понудата на 2.000 евра. Сè уште не е познато дали некој ја прифатил последната понуда, пренесуваат Nezavisne novine.
Иако платата од 2.000 евра изгледа атрактивно за сезонска работа на море, оние кои имаат искуство со вакви работни места тврдат дека работата е далеку од лесна.
„Работев на слична позиција – тоа е многу напорна и исцрпувачка работа. Од 7 часот наутро до 7 навечер, на сонце и по 40 степени. Треба да се внимава на тешките дрвени лежалки, постојано да се склопуваат и расклопуваат, а паралелно и да се контролираат педалинките“, напишал еден млад човек во коментар на Фејсбук.
Но, тоа не биле единствените предизвици со кои се соочувал.
„Кога децата ќе отидат предалеку со педалинките и ќе ги оштетат, газдата се дере по мене. Се карам со деца, со гости, бидејќи никој не може да им забрани пристап на плажа – таа е јавно добро, дури и кога некој има концесија. Гостите се сместуваат веднаш до лежалките, странците немаат никаква приватност. Кога сè ќе се земе предвид – стресот, напорот, одговорноста – тие 2.000 евра и не изгледаат како некоја голема плата“, заклучува тој.
Извор: bizportal.rs

