ПравдаСветот на работникот

ПРВ ДЕЛ: На Македонија ѝ е одобрен кредит од СБ преку кој треба да се зајакне вработувањето на лицата со попреченост, велат од МТСП

Бобан Илијевски

„Работник“ подготвува серијал на новинарски текстови за вклученоста на лицата со попреченост на пазарот на труд во Македонија. На почеток, му поставивме неколку прашања на Министерството за труд и социјална политика во однос на темата. Истите, како и одговорите на нив можете да ги најдете подолу.


Колку сегашните законски решенија овозможуваат инклузија на лицата со попреченост на пазарот на трудот?

Од Министерството за труд и социјална политика за Работник велат дека вработувањето на лицата со инвалидитет во Македонија е регулирано со Законот за вработување на инвалидни лица. Со ова законско решение, како што велат, се уредуваат посебните услови за вработување и работење на лицата со инвалидност, како и мерките за вработување и работење на лицето со инвалидитет и критериумите за доделување на средства од Посебниот фонд.

Фото: Freepik

МТСП наведе дека со одредбите од наведениот закон дека се предвидени мерки како:

  • Доделување на неповратни средства за вработување на неопределено време на невработено инвалидно лице, адаптација на работното место на кое ќе работи инвалидното лице доколку е потребна и набавка на опрема според критериумите и на начин утврден со акт на министерот за труд и социјална политика;
  • Ослободување од даноци и обезбедување на средства за придонеси и
  • Финансиска поддршка во работењето.
Посебниот фонд и лицата со инвалидитет

Во Законот за вработување на инвалидни лица, велат од МТСП, е уредена и постапката за поднесување на барање за доделување на средства од Посебниот фонд до Управниот одбор на Агенцијата за вработување, одлучувањето по барањето, правото на жалба против решението со кое барањето е одбиено и критериумите кои се земаат во предвид при одлучувањето за доделување на средства од Посебниот фонд.

Тука се вклучени и можностите за доделување на средства од Посебниот фонд и за правно лице кое не е заштитно друштво, заштитно друштво и лице со инвалидитет, кога самостојно врши дејност како трговец поединец. Согласно Законот за инвалидни лица, вработувањето на инвалидно лице се врши од редот на евидентирани невработени инвалидни лица во Агенцијата за вработување, велат од МТСП.

На С. Македонија ѝ е одобрен кредит преку кој се предвидува и реформа на системот за вработување на лица со попреченост.

На Македонија, посочија од МТСП, ѝ е одобрен кредит од Групацијата на Светска банка за реализација на Проектот за администрирање на социјалното осигурување (СИАП).

Од таму рекоа дека дел од активностите се однесуваат на реформирање на системот за вработување на лицата со попреченост, односно развој на модел и законодавна рамка за нивно вработување, за кој се ангажирани странски консултанти.

Според МТСП, целта на оваа активност е проширување на можностите за вработување на лицата со попреченост и подигнување на нивната инклузивност на пазарот на труд.

Во оваа насока до сега се одржани неколку презентации на заинтересираните страни за можните опции за политиките за вработување на лица со попреченост, како и за развивање на новата законодавна рамка, велат од МТСП и додаваат:

Со воспоставување на адекватен систем за поддршка на вработувањето, лицата со попреченост треба да станат еднакви членови на општеството и успешно да придонесат за сопствената општа благосостојба, наместо да бидат само приматели на социјална помош и корисници на социјални бенефиции наменети за лица со попреченост.

Системот, како што велат, треба да овозможи вработување на лица со попреченост за да можат да стекнат материјална сигурност и поголема независност во донесувањето на одлуките.

Фото: Pexels
Предвидена е и компаративна анализа, велат од МТСП

За потребите на проектот, посочија од ресорното министерство, изготвена е и компаративна анализа на меѓународни решенија за уредување на вработувањето на лицата со попреченост, со цел да се развие применлив модел за нивно вработување во Македонија.

Анализата, појаснуваат, генерално ја опфаќа правната рамка во повеќе области кои имаат влијание при вклучувањето на лицата на пазарот на труд.

Што се утврдува во анализата во поглед на законските измени?

Анализата според МТСП, треба да послужи за воспоставување на поедноставна административна постапка и документација за барање на субвенции, односно неповратни средства од Посебниот фонд и потребата за развивање на механизми за заштита и проверка на евентуални злоупотреби на овие средства, како и воведување на задолжителни квоти за вработување на инвалидни лица со цел константно да се одржува нивното вработување.

Фото: Pexels

Продолжува…

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk