Прво здравјето, па се останато: Шефовите не ги слушаат илјадниците замолници на работниците кои страдаат од хроничен немир
Според анкетата која во март ја спровеле Deloitte и Workplace Inteligence, а која вклучила 3,150 луѓе, лидерите и понатаму не го доживуваат сериозно менталното здравје (благосостојба) на своите вработени.
Новиот извештај нагласува отсуство на емпатија и разбирање кај шефовите кон работниците кои, притоа, во голема бројка се борат со ниското ниво на благосостојба.
Поголемиот дел од нив велат дека здравјето им се влошило или дека останало на исто ниво како и минатата година. Меѓутоа, топ менаџментот (C-suite) во разни американски компании укажува на поинаква перспектива; повеќе од три од секои четири раководители веруваат дека благосостојбата на работната сила се подобрила.
„Тоа покажува дека раководителите немаат допир со реалноста во контекст на благосостојбата на нивните работници“, рекол за CNBC Ден Шавбел, извршен партнер во Workplace Inteligence.
Топ менаџментот, како што вели, е толку фокусиран на макро сликата во своите организации, што тешко им е да ја видат макро сликата за благосостојбата на своите вработени.
Додека 77 % од раководителите веруваат дека менталното здравје кај нивните работници се подобрило, само 33 % од анкетираните вработени така се чувствуваат, се наведува во изештајот. Уште помал процент од нив сметаат дека нивната социјална и финансиска благосостојба (27 % и 30 % соодветно) – е подобрена.
Заклучокот е дека работата, односно работното место, на многумина и понатаму им претставува препрека кон благосостојбата.
Гореспоменатите компании откриле дека поголемиот број од испитаниците се мотивирани да бидат во благосостојба, а 84 % рекле дека подобрувањето на нивното ментално, физичко и финансиско здравје им е „главен приоритет“ оваа година. Во суштина, 74 % велат дека тоа е поважно од напредувањето во кариерата, се наведува во извештајот.
Меѓутоа, факторите како големото оптоварување на работа, долгото работно време и стресот – се наоѓаат на врвот на листата на препреки за кои испитаниците велат дека им стојат на патот до подобрување на благосостојбата. На пример, речиси три четвртини од вработените наведуваат дека се борат да земат слободно време или да се одвојат од работата, а само половина изјавиле дека „секогаш“ или „често“ го користат целиот годишен одмор.
Што можат да направат компаниите?
Во извештајот се нагласува дека лошата состојба на менталното и физичкото здравје на вработените треба да биде посебно загрижувачки за лидерите. Се додава дека дошло до „значајно зголемување“ на процентот на испитаници кои размислуваат да ја напуштат работата поради друга која ја „поддржала“ нивната благосотојба.
„Менаџерите играат клучна улога во подобрувањето на благосостојбата, бидејќи секојдневно директно комуницираат со вработените“, рекол Шавбел.
Извор: Telegraf Biznis
Фото: Shutterstock

