СветСветот на работникот

Работодавците сè уште ја кријат платата во огласите за работа – кога ќе се воведе обврска за транспарентност?

Прашањето за задолжително наведување на висината на платата во огласите за работа повторно ја разбранува јавноста во соседството, овојпат на популарниот форум Reddit, поточно во подфорумот AskCroatia. Дискусијата ја отвори корисник кој ја спореди моменталната ситуација во Хрватска со онаа во Австрија, каде што задолжителното објавување на платата во огласите е законска обврска уште од 2011 година.

Во Австрија, работодавците се должни да го наведат бруто износот на минималната плата за одредената позиција, прецизирајќи дали станува збор за саатнина или месечна плата. Исклучоци се дозволени само за високи раководни позиции, а непочитувањето на овој закон се казнува со парична казна до 360 евра.

И покрај најавите дека Хрватска ќе го следи австрискиот пример, огласите за работа во земјата сè уште се преполни со нејасни фрази како „атрактивни плати“ или „плата по договор“. Корисникот кој ја покрена дискусијата потсетува дека Европската унија веќе ја усвои Директивата за транспарентност на платите, чија имплементација во националните законодавства на земјите членки се очекува најдоцна до јуни 2026 година. Дотогаш, ситуацијата останува непроменета, а барателите на работа се принудени да аплицираат без јасна претстава за потенцијалната заработка.

Оваа состојба често предизвикува фрустрации кај лицата кои бараат работа, бидејќи губат време на апликации за позиции чија плата не ги исполнува нивните очекувања. Истовремено, транспарентноста на платите би придонела за намалување на нееднаквостите и би им овозможила на кандидатите да донесуваат поинформирани одлуки за својата кариера.