Вести

Само една третина од граѓаните имаат навика да го селектира отпадот, прилепчани најактивни

Друштвото за управување со амбалажен отпад Пакомак, како дел од транспарентното работење и во согласност со својата стратегија за подигање на еколошката свест, во март оваа година спроведе обемно истражување во рамки на државата со кое доби конкретни податоци за јавното мислење, свеста, навиките и постапувањето на отпадот од амбалажа кај граѓаните. Податоците добиени од истражувањето даваат увид кон интересни податоци: позитивниот тренд на подигање на свеста продолжува, но и покрај тоа само една третина од граѓаните имаат навика редовно да го селектираат амбалажниот отпад.

Истражувањето се спроведува секоја втора година, а овојпат дел од него беа 1.200 испитаници од различни старосни групи и различни градови од земјата. Во истражувањето беа вклучени жители од Скопје, Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Струмица, Штип и Куманово. Прашалникот беше проширен во однос на претходните години и опфаќаше низа на прашања поврзани со типот на отпад кој се селектира, редовноста, секојдневните навики, начинот на селектирање и одложување на отпадот и слично. На овој начин, преку информациите добиени од одговорите на прашалникот, се одредуваат потребите на граѓаните и идните активности, инвестиции и кампањи на Пакомак. 

Резултатите од истражувањето покажува позитивен тренд: се’ повеќе граѓани стануваат свесни за важноста на селектирањето на отпадот и се’ поголем е бројот на луѓе што активно го одложуваат отпадот во контејнерите и Повратните вендинг машини на Пакомак. Но сепак, и понатаму постои голем простор за подигање на свеста кај граѓаните, особено во поглед на селектирањето на отпад како секојдневна навика.

И оваа година, истражувањето покажа дека од сите видови на амбалажен отпад, Македонците најчесто ја селектираат пластиката. Дури 70,8% од испитаниците кои селектираат одговориле дека редовно селектираат пластични шишиња, а 46,6% од нив одговориле дека селектираат секаков вид на пластичен амбалажен отпад. Втор најселектиран амбалажен отпад е стаклото, кој одговориле дека го селектираат дури 45,7% од граѓаните од оние кои селектираат. Скоро една третина од испитаниците одговориле дека селектираат хартија, поточно 30,7% од луѓето кои одговориле дека селектираат амбалажен отпад.

Охрабрувачките податоци во однос на селектирањето на пластиката и особено пластичните шишиња, може да се претпостави дека се должат на проактивноста на Пакомак во поглед на зајакнување на отпадната инфраструктура. Во изминатите две години беа поставени повеќе контејнери за одложување на пластика, но беше зголемен и бројот на Повратни вендинг машини кои Пакомак ги поставува заедно со Швајцарската амбасада. Тие имаат механизам на повратна вредност за граѓаните и за секое одложено парче пластика даваат по 1 или повеќе „зелени поени“, кои потоа граѓаните можат да ги користат за плаќање на комуналии, попусти на сметки и донации.

Скоро и да не се разликуваат податоците во однос на полот и на возраста, кога се во прашање еколошките навики. Истражувањето покажува дека над половина од жените испитанички одговориле дека селектираат отпад во некој обем, додека кај мажите оваа бројка е нешто пониска од 50%. Меѓутоа, значителна разлика во еколошките навики има кај луѓето со различни степени на образование. И ова истражување покажа дека луѓето со повисоко образование селектираат повеќе и поредовно – дури 26% од испитаниците со магистратура/докторат одговориле дека отпадот го селектираат секогаш, додека кај испитаниците со завршено само основно образование оваа бројка е само 10%.

Евидентна разлика во нивото на еколошките навики постои и кај граѓаните на различни општини. Оваа година, податоците покажуваа дека Прилеп има најеколошки свесни граѓани, бидејќи дури 49% од испитаниците одговориле дека секогаш го селектираат амбалажниот отпад. За илустрација, само 8% од испитаниците од оваа општина одговориле дека никогаш не го рециклираат отпадот. Спротивно на нив, загрижувачки ниска свест за селектирање на отпад има во општините Куманово, Штип и Струмица – од каде што само 2% од испитаниците одговориле дека секогаш го селектираат отпадот. Највисока незаинтересираност за селектирање, пак, има во Општина Тетово, каде што огромни 59% од испитаниците рекле дека никогаш не селектираат отпад.

Ако се земат предвид резултатите од претходните истражувања, се забележува дека постепено свеста за селектирање на отпадот расте, а граѓаните стануваат поактивни во однос на постапувањето и одложувањето на отпадот. Значаен придонес за зголемување на интересот дава активната и афирмативна комуникација на Пакомак за важноста на селектирањето, но и постојаните инвестирања на компанијата во насока на подобрување на отпадната инфраструктура, поставување на повеќе контејнери на повеќе места, како и имплементирањето на системот на „зелени поени“ преку Повратните вендинг машини и ЕкоМак, кој на еко свесните граѓани им нуди дополнителна вредност како замена за нивната активност.