„Склучување на договор за обука на наши работници во Германија, само за размена на искуства, а не одлив на кадри“
Бобан Илијевски
Дали треба Македонија да склучи меѓународен договор со Германија за обука на квалификувани кадри и вработување? Ова е прашањето коешто го отвори поралот Работник, откако излезе анеката направена по барање на германската фондација Бертелсман, во која 57 % од компаниите би сакале транснационална соработка за да дојдат до квалификувани кадри. Тие бараат да се склучат меѓународни договори за обучување на квалификувана работна сила и вработување.
По изјавата на Г-динот Миле Бошков, Претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, нашата редакција побара став и од Г-ѓата Владанка Трајкоска, Претседателка на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Многу „инвентивно“ решение од страна на една високо развиена земја како што е Германија, вели Трајкоска во изјавата за порталот Работник, па прашува: „Дали ова партнерство би значело дека задоволството би било двострано, па и германските работници би се доквалификувале во нашата земја?“
Ова, како што вели таа, е еден од обидите на беспомошната германска влада да создаде кадар за да ги задоволи потребите на германската економијата. Идејата е јасна, објаснува, ниту имаат намера да помогнат во стручна доквалификација на нашето работоспособно население, ниту пак ги интересира проблемот на недостиг на квалификуван кадар во другите држави.
„Согласно тоа, апсолутно сметам дека интересите треба да бидат двострани, а не на задоволство на една од договорените страни и секако, бидејќи се работи за државни интереси, истите треба да бидат разгледувани како долгорочен бенефит“, истакна Трајкоска.
Секојдневно слушаме дека во Германија исчезнува работната сила, образложува Трајкоска одговарајќи на прашањето, зошто би требало или не би требало да се склучи меѓународен договор. Во таков случај се поставува прашањето зошто ние би имале интерес да склучиме договор, од кои ние ќе бидеме исклучително губитници. Сепак, таа напоменува дека доколку ова значи дека работници од Германија исто така би доаѓале во Македонија за да се стектнат со квалификации, тогаш би требало да се разговара за тоа дали е тоа добар чин за нас, но и покрај тоа, порачува, мораме да биде внимателни.
„Секако, не сме изрично против договор, бидејќи доколку се работи за дејности во кои ние немаме познавање, немаме можност за квалификација на наши работници, во тој случај би било дури и полезно наши луѓе да заминат на обука и едукација. Но, со цврст договор дека кадарот кој е испратен на едукација своите работни обврски ќе ги обавува во матичната држава“, вели Трајкоска.
Предлозите не треба веднаш да се одбиваат, бидејќи потребно е да се гледаат позитивните страни на истите, вели Трајкоска и додава дека токму едукацијата на кадар во дејности каде не постојат едукативни центри и образовни системи во нашата држава, би била една од позитивните страни на таквиот договор.
Недостатоците пак од потенцијален договор за обука на квалификуван кадар се познати. Еден од нив и впрочем најголем е одливот на работоспособно население кое својот образовен век го започнало и го надополнува во матичната земја, Македонија. „Токму тука лежи и причината за аномалијата на еден ваков договор. Работоспособното население е богатството на една економија, наша цел треба да биде истото да го задржиме и своето битисување да го обавува во татковината“, подвлече Трајкоска.
Со одливот на работоспособното население ќе се појават и други проблеми, како изумирање на цели села, градови и дејности. Трајкоска предупредува дека потребна е внимателност при вакви потези, додавајќи дека мора да се негува населението, да се едуцираат младите луѓе и да се мотивараат да ја сакаат државата во која се родиле, растеле и образувале.
Вчера до нашата редакција пристигна и став од Г-ѓа Мери Цакиќ, познавач на областа на пазарот на труд и д-р по европски студии – социјален дијалог, во однос на ова прашање, кој можете да го прочитате на следниот линк.

