МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

„Со месеци чекаме зголемување за 3,000 денари, а функционерите преку ноќ добија 60,000 денари зголемување“

Лекарите почнуваат бел штрајк

Лекарите во јавното здравство во земјава почнаа „бел штрајк“. Овој навидум невидлив но опасен начин на функционирање за здравјето на пациентите, значи дека се одложуваат операциите, не се работи со стопроцентен капацитет, владее нервоза и деморализираност, а денот лекарите го поминуваат во расправии и без работна атмосфера.

Како што велат од синдикатот за здравство причината за „белиот штрајк“ е незадоволството на медицинскиот персонал од тоа што владата ги принудува медицинските лица во државното здравство, седум месеци да молат за три илјади денари покачување, а министерските плати експресно ги покачува за 78 проценти преку ноќ.

-Министерствата поделени меѓу ДУИ и СДСМ си ги покачуваат платите, а ние уште не можеме да добиеме три илјади денари и две илјади денари бруто. А некој преку ноќ си доби дневно покачување од две илјади денари, тоа се функционерите. Разликата што ја направија меѓу специјалист хирург и функционер е три спрема еден во платата. И ова се случува во една ваква сиромашна, социјална држава. Дали ним им треба јавно здравство, во оваа социјална држава каде што 90 проценти од народот се лекува во државните болници на Клиничкиот центар, или да си одиме на приватно? Секој ден лекари и сестри си одат надвор од државата. Треба да се запраша некој кој ќе ги лекува децата. Секој ден педијатрите си одат или во странство или во приватните болници. Фондот има пари, ама само за приватното здравство, остро реагираше претседателот на Синдикатот на Клинички центар и доктор на Клиниката за максилофацијална хирургија, Предраг Серафимовски.

Последните информации од Министерството за здравство се дека информацијата за покачувањето на платата на медицинскиот персонал поминала на 151 седница на владата како заклучок, но дека е условена со мислењата на Фондот за здравство и на Министерството за финансии. До денеска, Министерството за финансии нема испратено позитивно мислење за покачувањето на платите, па така медицинските лица се во неизвесност дали тоа воопшто ќе се реализира.