МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

ССМ повика на протест на 1 -ви мај

Повика до сите работници, синдикати и невладини организации да се приклучат на протестот што ќе се одржи на 1 мај – Меѓународниот ден на трудот, а на кој ќе се побара линеарно зголемување на платите за 2.806 денари, упати денеска СОјузот на синдикати на Македонија.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски денеска на прес-конференција рече дека тие нема да слават туку ќе протестираат.

-За да славиме потребни ни се пари, а парите ни ги изеде инфлацијата. Затоа, сите работници, пензионери, младината да излезе заедно и да им кажеме на работодавачите без разлика дали се од приватниот или од јавниот сектор дека ни е потребно што побрзо зголемувањето на платите. Ние не лиферуваме со проценти бидејќи процентот значи за едниот работник помалку, а за друг работник повеќе, рече Димовски.

Тој додаде дека минатиот месец инфлацијата е зголемена за 8,8 проценти и дека доколку поскоро не се зголемат платите, инфлацијата ќе го „изеде“ ова зголемување.

– Затоа е нашето барање за зголемување на платите од 2.806 денари што побрзо, бидејќи гледаме дека инфлацијата секој месец е се поголема и доколку овие пари не ги добиеме ден побрзо можеби нивната вредност следниот месец ќе биде помала, рече Димовски.

ССМ не се откажува ниту од тоа да го врати регресот за годишен одмор во јавниот сектор.