Колумни

Како почетниците ќе стекнуваат „искуство“ кога ВИ ќе ги преземе почетните позиции?

Веќе неколку пати претходно имам пишувано на темата „работно искуство за почетна работна позиција“, но ја ставам повторно во фокусот со оглед на тоа што вештачката интелигенција веќе започнува да ги зазема почетните работни позиции.

Да не бидам погрешно сфатен, тој процес сѐ уште не е стигнат во Македонија, но нема да ја одмине. Затоа сметам дека е важно да се зборува за тоа.

Ако направам една анкета (а може и да ја направам на LinkedIn) за тоа колку од огласите за почетни работни позиции бараат искуство, претпоставувам дека резултатите ќе бидат поразителни. Имено, компаниите самите се ставаат во своевиден парадокс кога во описите наведуваат дека потребно е работно искуство. Побогу како очекувате некој што не работел ни ден, освен можеби некоја пракса и волонтерска работа, да има искуство. Нели треба од некаде да го стекне? А како ќе го стекне ако веќе се бара да има работно искуство. Тука лежи парадоксот.

Е сега, јасно е како ден дека вештачката интелигенција ќе ги преземе почетните работни позиции, барем во одредени дејности. Сега тука имам едно прашање: Што ќе треба да прават кандидатите без никакво работно исуство?

Не знам, можеби ќе треба на некој магичен начин да стекнат искуство. Можеби ќе ги испратиме во Хогвартс да го направат тоа. Шегата настрана, компаниите ќе мораат да изноѓаат начини како да им овозможат на кандидатите без искуство, истото да го стекнат. Во спротивно, ќе останат без кадар, како што впрочем тоа и се случува во одредени сектори.

На крајот на денот, искуството не треба да биде критериум за почетниците, туку нивната волја и желба да стекнуваат знаења и вештини.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk