Правда

Угостителите кои не работат ќе протестираат поради незадоволство од мерките на Владата

Од Владата пак не одговорија дали планираат да се сретнат со овие угостители, ниту пак дали има можност под одредени протоколи да им дозволат да работат. Повторно се повикуваат на ставот на Комисијата за заразни болести според кој очигледно е дека и сезонава ќе нема свадби.

Ви укажуваме дека се прават опсежни анализи поврзани со здравствената состојба. Доколку комисијата за заразни болести, донесе таков предлог и има промена на протоколот и истиот биде усвоен на влада јавноста веднаш ќе биде известена. Засега, комисијата се нема произнесено по однос на ова прашање. Јавното здравје е приоритет и токму затоа владата за сите одлуки за пандемијата се води од препораките на комисијата за заразни болести.

Од Независната угостителска комора пак велат дека тие уште во септември изготвиле унифицирани протоколи за работа на целокупната угостителска индустрија, вклучително и за рестораните и ноќните клубови. Но досега и покрај нивното инсистирање, нема слух од Владата да седнат и да ги разработат.  Од друга страна Комисијата не носи никакви протоколи.

-Сметам дека Владата не смее да дозволи такво нешто да се случи, треба да излезе на време во пресрет на сите наши и нивни барања и очекувања, да створи услови и соодветни комсиии со цел да ги усогласиме барањата и очекувањата од двете страни, и да направиме протоколи како би можеле да ја планираме иднината не само на угостителите туку и да си ја планираме иднината на фамилијата и на социјалната економија во државата., вели претседателот на НУК.

Од комората не го кријат разочарувањето дека во новиот пакет мерки не се прецизирани посебни мерки за угостителите иако тие се еден од најпогодените сектори. Стравуваат дека месецов и претходниот се промашени бидејќи мерките доцнат.  Утре повторно ќе се состанат со вицепремиерот Битиќи, но шансите да има измени се минимални , бидејќи новиот пакет е веќе подготвен и деновиве ќе биде презентиран.

Поради пандемијата во соседството 4 од 10 правни субјекти во угостителската индустрија се неликвидни и нема да ја продолжат својата работа. Колкав ќе биде процентот кај нас во моментов не може да се предвиди, но прогнозите се дека ако пандемијата потрае секој трет газда на угостителски објект во следниот период нема да успее да го продолжи својот бизнис.

Извор: Сител