Вести

„Фејсбук“ со ново име, сега ќе го знаеме како „Мета“

Марк Цукерберг на последната конференција, соопшти дека компанијата „Фејсбук“ која стои зад најголемите социјални медиуми, се ребрендира под ново име – „Мета“.

Како вели, ваквиот чекор е дел од планот на компанијата да ја претстави нивната визија за иднината преку реалност, проект насловен како „метауниверзум“.

„Фејсбук е иконски бренд за социјални медиуми, но сè повеќе, едноставно не опфаќа сè што правиме”, рече Цукерберг.

Во своето видео обраќање, првиот човек на „Фејсбук“ додае дека очекува метауниверзумот да стаса до милијарда луѓе во следната деценија.

Инаку, името го менува само компанијата, но имињата на нејзините различни платформи – меѓу кои „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Ватсап“ – ќе останат исти.

„За да се претстави она што сме ние и иднината која се надеваме дека ќе ја изградиме, горд сум што можам да соопштам дека нашата компанија сега е Мета. Нашата мисија останува иста. Таа и понатаму е зближување на луѓето. Нашите апликации и нивните брендови не се менуваат. Ние и понатаму сме компанија која дизајнира технологија околу луѓето. Сепак, сите наши продукти, како и нашите апликации, ќе имаат нова визија – да помогнеме да го оживееме метаверзумот. И сега имаме име кое ќе го рефлектира тоа што сакаме да го направиме”, посочи Марк.

Тој верува дека оваа зголемена комуникација, соработка, продукти и содржини ќе придонесат и за отворање на милиони работни места.

И колку и да звучи ова фино, сепак новините доаѓаат во кризен период за компанијата. Имено, се крена голема прашина по објавувањето на т.н. „Фејсбук документи“ што наводно покажуваат дека менаџментот знаел дека производите на Фејсбук се штетни за младите девојки, пред се’ емоционално, но сепак се фокусирал исклучиво на профитот. „Фејсбук“ жестоко ги отфрли обвинувањата, но тоа не ја смири јавноста.

Не е мал бројот на оние што негодуваат на ребрендирањето на компанијата, чекор за кој сметаат дека е обид да се спаси угледот на компанијата, но како велат, тоа што го смениле името, не значи дека е сменета и реалноста.