Јазот меѓу мажот и жената е голем особено во ИТ -секторот, предупреди сопругата на претседателот на Македонија
Со зголемувањето на дигиталната писменост, ќе може да се ублажат многу прашања поврзани со родовата нееднаквост, смета сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска на чија иницијатива се одржа се одржа панел дискусија на тема: „Дигиталното образование – приоритет за постигнување на родовата еднаквост“. Таа оцени дека во тој сектор доминираат мажите
Ѓоргиевска потенцира дека еден од последните извештаи на Светскиот економски форум за глобалниот родов јаз потврдува дека во повеќето кластери на професии на иднината има голема нерамноправност меѓу жените и мажите. Според неа, има нерамноправност во износот на примањата, во можноста за напредување во професијата, во добивањето еднакви шанси и видливост при професионалниот развој и укажа дека . последното мапирање на ИТ секторот во Македонија, направено минатата година, го потврдува проблемот видлив во застапеноста на жените во оваа индустрија, стереотипизирајќи ја најчесто како машка професија. Особено, рече, очигледни во ова истражување се разликите на сениорските и менаџерските позиции помеѓу жените и мажите.
„Овој јаз е најголем токму во секторите што бараат иновативни дигитални и технички знаења и вештини, а врз кои се темели дигиталната економија. Ваквата нееднаквост на можностите го забавува економскиот развој. Со цел да го намалиме родовиот јаз потребно е сите заеднички да пронаоѓаме решенија за доброто на целото општество. Дигиталните технологии овозможуваат нови вештини и економски активности на жените. Но, за да не станат ново поле на дискриминација на жените, неопходно е што повеќе жени да го следат својот животен и професионален повик и да го заземат своето место во СТЕМ областите.
Да се заложиме за што поголемо учество на жените и во новите, иновативни професии. На тој начин ќе овозможиме жените да бидат витален дел на дигиталната економија“, рече сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.
Во дискусијата во претседателскиот кабинет учествуваа шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, шефицата на канцеларијата на ОН Жени во Македонија, Весна Ивановиќ – Кастаред, генералната директорка и сопственичка на Семос едукација, Валентина Тасева, извршната директорка и ко-основачка на ИТ компанијата Дигикјуб (Digicube), Влора Адеми, претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска, диригентката во Македонска опера и балет, Бисера Чадловска, Фросина Ѓоргиевска, земјоделка од Преспанскиот регион и Искра Гешоска, советничка за прашања од областа на културата на претседателот на Македонија.

