Вести

Анализа: Вештачката интелигенција носи нова економија, но човечкиот труд нема да исчезне

Масовната примена на вештачката интелигенција може длабоко да го промени капитализмот, но не нужно и да го уништи, оценува економистот Бранко Милановиќ во анализа за иднината на трудот и профитот во ерата на AI.

Тој посочува дека од марксистичка перспектива, вештачката интелигенција носи високо автоматизирано производство со минимално учество на човечки труд. Според теоријата на Карл Маркс, токму трудот создава вишок вредност и профит, па доколку машините целосно го заменат човекот, стапката на профит би можела да падне речиси на нула.

Но, Милановиќ смета дека економијата нема целосно да стане автоматизирана. Наместо тоа, ќе се развијат нови сектори во кои човечкиот труд ќе остане незаменлив и уште повреден.

Како примери ги наведува образованието, медицината, спортот, грижата за луѓе, креативното пишување, гастрономијата и други професии каде човечките способности и креативност ќе имаат предност пред машините.

Според анализата, додека еден дел од економијата ќе биде речиси целосно автоматизиран, друг дел ќе стане уште поинтензивен во користење квалификуван човечки труд.

Авторот наведува дека и од неокласична перспектива, економија без работници би создала проблем, бидејќи без плати и приходи би се намалила побарувачката за производите што ги создава AI.

– Економија составена само од високо автоматизиран сектор не е компатибилна со одржување на капитализмот – оценува Милановиќ.

Тој заклучува дека иднината на работата нема да биде целосно мрачна, бидејќи професиите кои AI не може лесно да ги замени би можеле дополнително да добијат на вредност и значење.