Во светот на властодршците
Автор: Бобан Илијевски
Нашите властодршци некако изгледа не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата во Македонија. Гледам, некои од владините функционери велат дека Извештајот на Европската унија покажува напредок и дека државата е на добар пат.
Нивните изјави понекогаш ме тераат хистерично да се смеам. Мора да им се признае дека ги бидува за хумор, но нас не ни требаат стенд-ап комичари во Владата, нас ни требаат сериозни луѓе кои ќе ја извадат државата од живиот песок во кој со години тоне.
Додека овие што се на власт се обидуваат некако да ги “измијат рацете” од она што им го плесна во лице Европската унија и да се фалат дела државата е најдобра во регионот, македонскиот народ продолжува да емигрира во западноевропските и прекуокеанските земји. Податоците на Светска банка покажуваат дека 500,000 луѓе се иселени од државава, и тоа ова се податоци од пред 2020 година. Од друга страна, податоците на ОЕЦД велат дека оваа бројка изнесува 700,000. Податоците се објавени минатата година, па од истите може да се заклучи дека бројката на иселени е огромна.
Овие бројки ги побиваат сите тези за напредок на сите досегашни политички гарнитури.
Следната година ќе се одржат парламентарни и претседателски избори. Партиите веќе наголемо водат кампањи и коваат нови ветувања. Баш ме интересира со каква програма ќе излезат овие на власт и што сѐ ќе им ветат на граѓаните.