Да видиме колку од нив нема да исплатат К-15
Автор: Бобан Илијевски
Истекува рокот за исплата на регрес за годишен одмор или популарно познат како К-15. Оваа година на работниците до 31 декември треба на сметка да им бидат пуштени 13.672 денари.
Секогаш кога ќе помислам на К-15, првото прашање што ми паѓа на ум е колку газди нема да им го исплатат на вработените? За да потоа на истото ми се надоврзат две потпрашања: колку газди ќе им исплатат и ќе им ги побараат парите назад? И колку ќе им исплатат некоја сума од 5,10 или 100 денари, вадејќи се на финтата дека имале тешка финансиска година?
На првите две прашања одговори ќе бараме од Државниот инспекторат за труд, а на третото, одговорот лежи во промена на Спогодбата за регрес за годишен одмор која ја имаат потпишано Сојузот на синдикатите и Организацијата на работодавачи, во која моментално нема наведено прецизен или флексибилен износ кој би требало да го исплатат компаниите кои имале финансиски тешкотии во текот на годината.
Јас сметам дека ова прашање треба да се отвори пред група на експерти од областа на работните односи и да се пронајде соодветно решение. Ако остане како што е, одредени газди ќе продолжат да пуштаат по 5,10 или 100 денари К-15.
Оние коишто не добиле К-15 или истиот им бил побаран назад, ќе мораат да пријават во Државниот инспекторат за труд. А експертите треба да ги отворат и овие два проблеми, па да се изнајде начин како истите да се решат.
Во изминатите години имаше доста голем број на пријави до ДИТ поради несисплата на ова право. Оваа година се надевам дека тие бројки ќе бидат значително помали. Еден од мотивите кој би требало да ги поттикне газдите да се случи тоа е недостигот на работна сила.