Колумни

ДА РАБОТИШ А ДА СИ СИРОМАШЕН…

   Време за читање 3 минути

Платите во Македонија растат, но не доволно за на работникот му овозможат пристоен живот или поедноставно кажано – живеење, наместо преживување.

Според податоците на Статистиката на ЕУ за примања и услови за живеење (EU- SILC) од 2020 година, 7,9 % од сите работниците на возраст од 18 години и повеќе се во ризик од сиромаштија. Ризикот е уште поголем кај работниците кои имаат деца – 11,2%, наспроти 3,7 % кај работниците кои немаат деца. Податоците јасно покажуваат дека и покрај тоа што луѓето работат повторно се изложени на ризик од сиромаштија. Ова дополнително ги демотивира да останат да работат во државата, па затоа си ги пакуваат куферите и купуваат билети во една насока за „ветените“ земји како Германија, Австрија, Швајцарија, скандинавските земји, па ако сакате и прекуокеанските, како САД и Австралија.

Поради ова, неопходно е да се воведе т.н. „плата за живот“, во која би влегле сите трошоци кои треба да ги покрие работникот плус да има и пари за да може да оди на годишен одмор, да посетува културни и други настани. Едноставно – да живее пристојно, без да треба да се грижи дали ќе му стигнат пари за да го помине месецот откако ќе ги плати сите сметки.

Платата за живот во Македонија, во 2021 година, изнесувала 52,000 денари. Со оглед на тоа дека трошоците од тогаш се драстично пораснати, оваа плата денес сигурно би изнесувала повеќе, но никој кај нас не ја пресметува, па не ја знаеме точната сума. Податоците за 2021 година се од меѓународната мрежа „Clean Clothes Campaign“ која е сочинета од синдикати и невладини организации, а за Македонија ги пренесе Здружението „Гласен Текстилец“.

Во едно интервју за порталот Работник во 2022 година, Претседателката на Здружението, Кристина Ампева посочи, цитирам:

Living wage или плата за живот концептот значи дека треба да има доволно пари за домување, за исхрана, санитарни услови или хигиена, јавен транспорт и посетување на здравствени и образовни институции. Меѓутоа Clean Clothes Campaign, целата мрежа и организациите, отишле чекор понапред и имаме предвидено и некој плус приход за итни случаи. Што значи тоа? Кога ќе ни се расипе пералната во 21 век, да не мора да подигаме кредит за една перална од 20,000 или од 10,000, туку да имаме некој денар настрана, вели Ампева.

Таа дополни дека парите за итни случаи би биле наменети и за операции или медицински прегледи, за да не мора да се бараат пари од банки, како и за да имаме заштеда од нашиот труд.

Нашите политичари воопшто не ни ја спомнуваат платата за живот, туку само се фалат со растот на минималната плата, која не е доволна за пристоен живот и растот на просечната плата, која не ја отсликува реалната слика на платите во државата оти истата вештачки се зголемува.

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.